Јас сум секс-терапевт: Ова е најголемиот мит за страста во долгите врски
Кога почнав да влегувам во подолги врски, некаде за време на факултетот, верував во старомодниот наратив за тоа како функционира желбата. Ни се вели дека сета таа страст и „искра“ на почетокот на врската, трае можеби неколку години. Потоа имаме деца или купуваме куќа или генерално влегуваме во рутина со работата и животот, а искрата згаснува, особено по 50-те, кога очигледно секој хормон се менува поради стареење и ќе останеме фригидни и несексуални држејќи се за раце и гледајќи кон зајдисонцето.
Нашите опции, ни велат, се или да го прифатиме згаснувањето на нашата желба за секс или да се бориме против тоа, да го вложиме нашето време, внимание, па дури и нашите пари во „одржување на искрата жива“.
Но, се чини секој дел од тој наратив е погрешен. Многу книги за сексот во долготрајните врски советуваат „одржување на искрата во живот“, но и тие се погрешни. Тие се израз на верувањата на 20-ти век, со нивните ригидни родови профилирања и претерано банализирани идеи за сексот и еволуцијата.
Овој хаос од грешки го нарекувам императив на желбата.
Императивот на желбите вели:
• На почетокот на сексуалната и/или романтичната врска, треба да почувствуваме „искра“, спонтана, вртоглава желба за сексуална интимност со нашиот (потенцијален) партнер што може да ни делува дури и опсесивно.
• Желбата што ја чувствуваме на почетокот на врската е правилен, најдобар, здрав, нормален вид на желба, а ако ја немаме, тогаш немаме ништо вредно.
• Ако треба да правиме некаква подготовка или планирање во нашиот сексуален живот, тогаш не го сакаме „доволно“.
• Ако вашиот партнер редовно не ве посакува спонтано, како гром од ведро небо, без напор или подготовка, тогаш не ве посакува „доволно“.
Императивот на желбата ја става желбата во центарот на нашата дефиниција за сексуална благосостојба. Според тоа постои само еден правилен начин да се доживее желбата, а без тоа ништо друго не е важно. И така луѓето се грижат за сексуалната желба. Ако желбата се промени или се чини дека недостасува, луѓето се загрижени дека нешто не е во ред. Тоа е најчеста причина поради која паровите тргнуваат на сексуална терапија.
Еве ја иронијата на императивот на желбата: дали фокусот на „искрата“ го олеснува сексот? Напротив, го дистанцира.
Но, постои алтернатива: да се стави задоволството во центарот.
Страста не е важна. Ниту „одржување на искрата“.
Задоволството е она што е важно.
Задоволството во центарот на вниманието, бидејќи одличниот секс на долг рок не е во тоа колку ентузијастички посакувате секс, туку колку ви се допаѓа сексот што го имате.
Спонтана страст vs. респонзивна желба
Едноставно место за да започнеме да го менуваме начинот на кој размислуваме за желбата и задоволството е да разбереме што сексуалните истражувачи и терапевти имаат да кажат за страста. „Искрата“ ја нарекуваат „спонтана страст“, и тоа е еден од нормалните начини да се доживее сексуалната страст, но не е поврзан со добар секс во долготрајна врска.
Тие исто така зборуваат за „респонзивната страст, која не е „искра“, туку отвореност за истражување на задоволството и гледање каде оди. Често се појавува како резултат на „закажан“ секс, каде што однапред планирате, се подготвувате, дотерувате, ангажирате бебиситерка и потоа се појавувате. Го ставате вашето тело во кревет, дозволувате вашата кожа да ја допре кожата на партнерот и вашето тело се буди! Тоа вели: „О, да! Навистина ми се допаѓа ова! Навистина ми се допаѓа оваа личност!“
Додека спонтаната страст се пројавува низ исчекување на задоволството, респонзивната страст се појавува како одговор на задоволството.
И двете се нормални и ниту едната не е подобра од другота, но респонзивната страст е таа која е поврзана со одличен секс на долг рок.
Не „моменталната страст“, не „искра“, туку задоволство, доверба и взаемност. Тоа е основната емпириска причина за приоритет на задоволството пред искрата.
Задоволството е сензација во контекст.
Задоволството е мерка за сексуалната благосостојба – односно, дали ви се допаѓа или не сексот што го имате.
Што е воопшто задоволство?
Па, дали сензацијата е добра? Колку добра? Дали е лоша? Колку лоша?
Тоа е целата работа. Задоволството е наједноставната работа на светот, во смисла да откриете дали нешто прави да се чувствувате добро или не. Следниот пат кога ќе ја јадете вашата омилена храна, забележете какво е тоа задоволство – изгледот на храната, нејзината текстура, арома и вкус. Забележете што му прави задоволството на вашето тело.
Задоволството е едноставно. Но, тоа не значи дека е секогаш лесно. Нѐ лажеа за природата на задоволството, исто како што нѐ лажеа за природата на желбата. Ни беше кажано дека сексуалното задоволство треба да биде лесно и очигледно, а ако не е лесно и очигледно, тогаш нешто не е во ред. За некои луѓе, доживувањето задоволство е толку фрустрирачко што почнуваат да се прашуваат зошто воопшто го бараат.
Ни беше кажано дека задоволството доаѓа од допир на вистинското место, на вистински начин, од вистинската личност, и ако тој допир, на тоа место, од таа личност, понекогаш делува добро, но не и друг пат, тука има некаков проблем.
Овие лаги се појавуваат во филмовите и романтичните романи и порното, каде што главните ликови можеби бегаат од негативецот или дури се само исцрпени и обземени од животот, но партнерот А ја допира волшебната точка на телото на партнерот Б и не е важно што друго се случува, колената на партнерот Б почнуваат да треперат .
Ако така функционира задоволството за вас, кул.
За останатите од нас, задоволството не е поврзано со вистинското место на вашето тело допрено на вистински начин. Туку со вистинското место, вистинскиот начин, од вистинската личност, во вистинско време, во вистинските надворешни околности и вистинската внатрешна состојба. Накратко: тоа е сензација во вистинскиот контекст.
„Контекст“ значи и вашата внатрешна состојба и вашите надворешни околности.
Едноставен пример за ова е скокоткањето. Скокоткањето не им е омилено на сите (иако на некои им е омилено!), но можете да замислите сценарио каде што партнерите се веќе возбудени, во доверлива, разиграна, еротска ситуација, а партнерот А го скокотка партнерот Б. Тогаш тоа делува добро! Но, ако истите тие партнери се среде расправија, на пример, за пари, а партнерот А се обиде да го скокотка партнерот Б, дали тоа тогаш ќе предизвика добро чувство? Или партнерот Б ќе почне, евентуално, да чувствува агресија?
Некоја акција може да направи да се чувствувате добро, одлично, спектакуларно, едноставно во ред или страшно, во зависност од контекстот во кој ја доживувате.
Задоволството е „срамежливо животно“. Можеме да го набљудуваме од безбедно растојание, но ако се приближиме пребрзо, ќе избега. Ако се обидеме да го уловиме, ќе испаничи. Мора да изградите доверба со ваше задоволство пред тоа да ви овозможи да го набљудувате внимателно. Прагот на „доволно“ задоволство е различен и се менува од ситуација до ситуација. Но, кога сме во безбеден контекст, нашиот мозок има капацитет да ја протолкува секоја сензација како пријатна.
Задоволството не е желба (иако желбата може да биде пријатна).
Задоволството и желбата се различни системи во мозокот. На ниво на емоционалниот мозок на цицач, желбата е позната како „посакување“ , а задоволството се е познато како „сакање“.
„Посакувањето“ во мозокот е огромна мрежа поврзана со допамин што влијае на тоа колку сме мотивирани да постигнеме цел. Спротивно на тоа, „допаѓањето“ е кога опиоидите и ендоканабиноидите влијаат на тоа како чувствуваме.
Задоволството е спокој, уживање во она што се случува во моментот. Желбата е движење напред, истражување со цел да создаде нешто што моментално не постои.
Задоволството е перцепција на сензација. Желбата е мотивација која води кон цел.
Во извесна смисла, задоволството е чувство на задоволеност, а желбата е незадоволство, бидејќи задоволството е уживање во искуството, додека желбата е мотивација да се стремиме кон нешто.
Размислете за „желбите“ вклучени во континуирано, скролање на социјалните мрежи. Барате нешто што не можете да го именувате, можеби наградата за, конечно, да пронајдете нешто што прави да се чувствувате добро или што дури ги потврдува вашите најлоши стравови. Сакате… нешто. Но, не уживате, туку само ја следите желбата да продолжите да барате. Желба без задоволство.
Она што предизвикува сомнеж е чувството кое желбата ни го создава. Задоволството, по дефиниција, спредизвикува добро чувство. Желбата сама по себе е повеќе или помалку неутрална; контекстот прави да се чувствуваме добро или лошо. Мислам дека луѓето ја меѓаат желбата со задоволство затоа што желбата понекогаш предвикува добро чувство. Откако ќе сфатиме дека и желбата може да прави да се чувствуваме лошо, почнуваме да разбираме дека желбата и задоволството не се иста работа и зошто задоволството е она што е навистина важно.
Kакво чувство создава сексуалната желба
Исчекување, очекувања, желба, копнеж – сето тоа се начини на искусување на желбата што може да предизвика прекрасно, па дури и екстатично чувство. Но, исчекувањето, очекувањето, желбата и копнежот исто така може да делуваат фрустрирачки, иритирачки и вознемирувачки. Желбата може да биде надеж и оптимизам, но може да биде и вознемиреност и страв.
Дали желбата создава добро или лошо чувство, зависи од контекстот. Целото задоволство зависи од контекстот.
Ако сте доживеале желба, застанете и сетете се на моментот кога ви било пријатно. Веројатно, предметот на вашата желба, без разлика дали станува збор за љубовник или нов гаџет или вкусна закуска, ви бил на дофат, можеби сте се чувствувале во контрола, можеби вашата желба била втемелена на ветување кое ве исполнило со исчекување.
Пријатната верзија на спонтаната желба причината зошто луѓето се збунуваат околу разликата помеѓу задоволството и желбата и зошто би можеле да бидеме убедени дека „спонтаната“ е добар, правилен, нормален вид на желба.
Но, и спонтаната сексуална желба може предизвика застрашување. Да претпоставиме дека не можете да сфатите како да му/ѝ се приближите на предметот на вашата желба, или предметот на вашата желба е целосно недостапен или, уште полошо, активно ве отфрла, ве оттурнува. Во тој контекст, вашата постојана желба може да ставе форма на тортура.
Ако било кога сте посакувале секс, секако сте доживеале поинаква непријатна желба. Многу луѓе кои се борат да се откажат од „идеалот“ на спонтаната желба знаат колку е ужасно да се сака нешто што не можете да го добиете, па затоа е толку важно да се потсетиме дека респонзивната желба, а не спонтаната желба, е онаа што го карактеризира одличниот секс на долг рок. Ако уживате во сексот што го имате, веќе го правите тоа како што треба и ви е дозволено да престанете да се обидувате да создавате спонтана желба.
Ако размислуваме само за пријатните искуства на желба, на крајот ќе ги користиме зборовите „задоволство“ и „желба“ повеќе или помалку како синоними. Но, тие се различни; знаеме дека се различни поради науката за мозокот. И ако задоволството е секогаш пријатно, но желбата е само понекогаш пријатна, зарем нема смисла да се фокусираме задоволството и да си дозволиме желбата да се појави во контексти што ги максимизираат шансите да се чувствуваме добро?
Сè уште сте загрижени за спонтаната желба?
Ако сакав да предизвикам контроверзии, би реклa дека не постои такво нешто како проблем со сексуалната желба, а сите текстови и размислувања, книги за самопомош и медицински истражувања фокусирани на „лек“ за слаба желба се ирелевантни. „Лекот“ за слаба желба е задоволството. Кога го ставаме задоволството во центарот на нашата дефиниција за сексуална благосостојба, ја елиминираме секоја потреба да се грижиме за желбата.
Но, не сум тука за контроверзии, тука сум да го подобрам вашиот сексуален живот. Па само ќе кажам: не се вознемирувајте со желбата. Ако сте загрижени поради ниската желба на вашиот партнер, прашајте го за задоволство. Ако сте загрижени за вашата ниска желба, разговарајте со вашиот партнер за задоволство. Желбата може да биде дополнителен бонус; тоа е исто толку важно како и симултаните оргазми, но не е ниту оддалеку неопходна за задоволувачки долгорочен сексуален живот.
Во моето ненаучно истражување на неколку стотици странци, некои луѓе изјавија дека она што го сакаат кога сакаат секс е спонтаност:
„Мразам да зборувам за секс пред да имам секс. Ако тоа не може да се случи природно, не го сакам тоа“.
Уф, тој збор. „Природно“.
Ако идејата да се зборува за секс или да се направи план претходно, делува „неприродна“, јас сум тука да ја признаам реалноста дека зборувањето за секс може да ја намали спонтаната желба, но и да ве замолам да ја земете предвид можноста дека планирањето секс може да биде дел од задоволството и дека зборувањето за секс не е само природно, тоа е дел од еротската врска помеѓу вас и партнерот.
Можеби секое сексуално искуство што сте го имале како одговор на спонтана желба било подобро од било кој планиран секс. Но, дали навистина не планиравте ништо пред тој одличен „спонтан“ секс? Кога сте во нова врска, не трошите ли време мечтаејќи, правејќи планови за вечера или заедничка авантура, разменувајќи флертувачки пораки, телефонски повици, шепоти? Тој период скоро секогаш е придружен со многу планирање и подготовка и, да, дури и со однапред зборување за секс. Дали не трошите време за да се подготвите за тоа, да се дотерате, внимателно да се облечете, да бидете сигурни дека мирисате убаво?
Дали е тоа … „природно“?
Митот дека „природниот“ начин на секс е тој да биде спонтан е погрешниот императив на желбата. Императивот на желбата инсистира дека без спонтана желба, не сакаме секс „доволно“. Ако треба да планираме, има проблем.
Но, размислете каков е нашиот живот. Планираме големи делови од нашите денови, често со недели или дури месеци однапред. Ги пополнуваме нашите календари со датуми поврзани со работа и училиште, семејство и пријатели и забава. Ги исполнуваме нашите тела со стрес и чувство на обврска кон другите и кон самите себе. Си наметнуваме современи барања кои дури не оставаат без сон, а уште помалку непланиран, но ентузијастички секс.
Не очекувам веднаш да ми верувате. Знам дека сте научени да се грижите за желбата. Дури и ви делува вознемирувачки или проблематично да се каже дека желбата не е важна. Можеби мислите: Што би можело да значи, Емили, да не се грижиш дека не го сакаш, а само да уживаш во тоа? Дали ми велиш да уживам во сексот што не го сакам?
Напротив! Би рекла: Замислете свет во кој сите ние имаме само секс во кој уживаме. И она во што не уживаме, едноставно не го правиме! Кога го ставаме задоволството во центарот на нашата дефиниција за сексуална благосостојба, сексот што не го сакаме никогаш не е на маса.
Емили Нагоски
Извор: Guardian
Превод: Лени Фрчкоска