Асанж не е будала

Молодкин најави дека ќе запечати голем број ремек-дела – вклучувајќи ги Пикасо, Рембрантс и Ворхол – во огромен сеф дизајниран да ги уништи сликите со киселина доколку се одлучи дека Џулијан Асанж ќе го помине остатокот од својот живот во затвор. Како што се очекуваше, љубителите на уметноста збеснаа; еден критичар на Гардијан ја опиша акцијата како „патетично банален трик за нашите плитки времиња”

Ваквите реакции сведочат за нашите плитки времиња. Тие се фокусирани на сличноста со другите гестови (од дадаизмот до Бенкси и одредени „ековандали“), притоа игнорирајќи ја суштината: судбината на Асанж.

Молодкин не изведува перформанс на современа уметност, туку се обидува да спаси човечки живот. И не е сам во тоа. Зад основачот на Викиликс стои колектив на уметници и приврзаници водени од длабок увид: дали имаме право да уживаме во големите уметнички дела, игнорирајќи го ужасот од кој се создадени?

Во есејот „Историско-филозофски тези“, Валтер Бенџамин напишал: „Не постои документ за култура што не е во исто време и документ за варварство. И како што тој самиот не е ослободен од варварството, тоа не е ниту процес на традиција во кој овие добра преминувале од едно на друго“.

Гестот на колективот на Молодкин херојски го прави видливо ова варварство. Секако, тој е очајно и брутален, но што ако тоа е единствениот начин да ја подигнеме свеста за тоа што се случува во затворот Белмарш? Затоа, вистинското прашање е: зошто Асанж им е таков трн во око на насилниците на нашиот политички естаблишмент? А одговорот е: затоа што не е будала како повеќето од критичката левица

На семинар за етиката на психоанализата, Лакан прави разлика помеѓу двата типа на современ интелектуалец, будалата и никаквецот. Накратко, десничарскиот интелектуалец е никаквец, конформист за кого аргументот во корист на дадениот поредок е самото негово постоење и кој ја исмева левицата за нејзините „утописки“ планови кои, според него, нужно водат до катастрофа. Спротивно на тоа, левиот интелектуалец е будала, дворски шут кој јавно ја прикажува лагата на постојниот поредок, но на начин што ја суспендира перформативната ефикасност на неговиот говор.

Денес, по падот на социјализмот, никаквецот е неоконзервативен застапник на слободниот пазар кој безмилосно отфрла каква било форма на социјална солидарност како контрапродуктивен сентиментализам, додека будалата е постмодернистички критичар на културата, кој со своите постапки, предодреден да го „подријат“ постојниот поредок, всушност служи како негова дополна.

Виц од старите добри времиња на реал- социјализмoт совршено ја илустрира залудноста на будалата: во Русија, во 15 век, еден селанец и неговата сопруга одат по правливиот селски пат. Еден монголски воин на коњ застанува до нив и му кажува на селанецот дека сега ќе му ја силува сопругата. Потоа додава: „Но, бидејќи има многу прашина на земјата, додека ја силувам твојата жена, ти ќе ми ги држиш тестисите да не се извалкаат!“ Кога Монголот ја завршил работата и се качил, селанецот почнал да се смее и среќно да скока. Неговата вчудоневидена сопруга го прашува: „Како можеш да скокнеш од радост кога штотуку бев брутално силувана во твое присуство?“ Селанецот одговара: „Но, јас го измамив!“ Неговите тестиси се полни со прашина.

Оваа тажна шега говори за маката на тогашните дисиденти: додека мислеле дека и задаваат сериозни удари на партиската номенклатура, всушност само малку и ги запрашиле тестисите, додека номенклатурата продолжи да го силува народот. Не е ли во слична позиција и денешната критичка левица?

Наша задача е да откриеме како да исчекориме напред. 11-та теза на Маркс за Фојербах прокламирала: „Филозофите досега само различно го толкуваа светот. Поентата е тој да се смени.“ Нашата верзија треба да гласи: „Критичките левичари досега само ги запрашуваа јајцата на властодршците; поентата е да им ги отсечеме”

Асанж го направи токму тоа. Накратко, Асанж е нашата Антигона, осуден на статус на жив мртовец – изолирани во самица со екстремно ограничени контакти, без осуда, или барем официјално обвинение. Тој само чека екстрадиција, додека јамката околу вратот постепено, но незапирливо му се стега.

Во случајот со Асанж, тајмингот е во корист на САД и Обединетото Кралство: тие можат да си дозволат да чекаат, сметајќи на фактот дека јавниот интерес ќе ослабне, особено во светлината на другите глобални кризи кои доминираат во медиумитр (војните во Украина и Газа, глобалното затоплување, заканата од вештачката интелигенција). Она што му се случува на Асанж се повеќе се движи кон маргините на мејнстрим медиумите: фактот што тој со години е во самица стана странична напомена нашите животи. Така, Асанж е жртва на новата аполитична неутралност.

Асанж треба да се споменува секогаш кога сме во искушение да ги фалиме нашите западни демократски општества и нивните човекови права и слободи, или секогаш кога го критикуваме муслиманското, кинеското или руското угнетување: неговата судбина е потсетник дека нашата слобода е, исто така, строго ограничена. Така, Асанж е жртва на новата аполитичка неутралност. Ние веќе не се грижиме за него; тоа што е во затвор се почесто наидува рамнодушност.

Некои либерали го критикуваат Асанж дека се фокусира на либералниот Запад и ги игнорира далеку поголемите неправди во Русија и Кина, но тие ја промашуваат поентата. Викиликс, на крајот на краиштата, исто така разоткри многу документи кои сведочат за ужасите надвор од либералниот Запад. Сепак, овие неправди се и онака видливи во нашите медиуми – постојано читаме за нив.

Проблемот со Западот е што тежнееме да ги игнорираме земјите со уште поголеми неправди (доволно е да се спомене Саудиска Арабија, која е дефинитивно полоша од Иран). Понекогаш се чувствуваме слободни затоа што ги игнорираме нашите неслободи, додека во Русија и Кина луѓето се целосно свесни за нивната неслобода. „Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а не ја забележуваш гредата во твоето око?“ (Матеј 7:3).

Асанж нè научи да го чувствуваме трупот во сопственото око. Поточно, Асанж нè научи да го препознаеме скриеното соучесништво меѓу нас и нашиот непријател, да ја видиме солидарноста и паралелите меѓу нашите противници. За наше добро, не смееме да дозволиме Асанж да се лизне во темнината на невидливоста.

Можеби сè уште мислите дека гестот на Молодкин е погрешен и контрапродуктивен? Во ред, но тогаш не трошете го вашето време анализирајќи го како уметнички гест, најдете поефикасен начин да му помогнете. Во оваа ситуација, никој со чиста совест нема право да се занимава со дистанцирани естетски судови – нашата судбина е во прашање

Славој Жижек

Извор: Peščanik

Превод: Лени Фрчкоска

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close