Асмир Јахоски утрово се пријавил во Кривичен суд , од Апелација велат дека не издаваат патни исправи
Асмир Јахоски, сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, претпладнево се пријавил во Кривичниот суд Скопје, со што ја исполнил обврската за редовно пријавување во судот во рамки на истрагата за злоупотреби со мазутот за ТЕЦ Неготино, потврдија од Кривичен за МИА.
Јахоски, како што соопшти денеска владејачката ВМРО-ДПМНЕ, бил на патување надвор од државата. Во соопштението се наведува дека Јахоски, кој го оштети Буџетот на државата за 167 милиони евра и за кого се води постапка, во моментов ужива на Босфор, откако добил домашен притвор за кривично дело перење пари и други приноси за набавката на мазут со сомнителен квалитет и потекло.
Како што појаснија од скопскиот Кривичен суд во текот на месец мај, од страна на одбраната на осомничениот, било доставено барање за враќање на патната исправа, односно издавање нова, кое барање било одбиено од Кривичниот суд, по што по добиена жалба, предметот бил доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје.
Од скопска Апелација велат дека тие не издаваат патни исправи, бидејќи тоа е обврска на други надлежни институции. Портпаролот на Апелациониот суд Скопје, Љубиша Станковиќ вели дека одлуките во случајот се донесени во рамки на постапка по жалба на осомничениот.
На 6 мај годинава Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на Асмир Јахоски, осомничен во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, и ја преиначи одлуката на Кривичниот суд така што мерката „притвор“ се укинува со прифаќање на гаранција со ставање хипотека на имот.
– Решението на Основниот кривичен суд Скопје, го преиначи на начин што ја укина мерката притвор определена спрема осомничениот А. Ј. од С. со прифаќање гаранција во износ од 986.540,00 евра, во денарска противвредност од 60.672.235,00 денари, со ставање хипотека на недвижен имот во корист на Република Северна Македонија и износ од 72.000.000,00 денари готови пари, во корист на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од Апелација.
Истовремено, на Јахоски му се определуваат мерки на претпазливост, односно обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје, како и привремено одземање на постојната патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа.
Јахоски е осомничен во рамки на истрагата со која се опфатени и сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и избеганиот поранешен директор на ЕСМ Васко Ковачевски поради злоупотреби со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино вредни над 160 милиони евра во време на енергетската криза.