Асоцијацијата на архитекти бара да се повлече предложениот ДУП за Мал ринг во Општина Центар
Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ бара градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и претседателката на општинскиот совет Цветанка Симобовска да го повлечат и преработат Предлог – детaлниот урбанистички план за градска четврт Ц01 – Мал ринг 1, Општина Центар Скопје, а за кој за утре со почетокот во 10 часот е закажана јавна презентација и јавна анкета.
ААМ оценува дека станува збор за објекти и земјиште во државна сопственост и објекти кои во својата срж, во најмала рака се спорни, поради што сметаат дека за ваков предлог-план нема потреба од јавна презентација и јавна анкета пред спорните објекти да бидат исфрлени од планот.
– Причината заради која бараме да го повлечете предлог-планот е едноставнa. Во планот се планирани истите објекти кои беа спорни и во претходниот криминален план со кој беше овозможена изградба на објектите од таканаречениот проект „Скопје 2014“, наведува Мартин Пановски, претседател на Управниот одбор на ААМ во реакција за предложениот ДУП Мал ринг.
Според ААМ, со предложениот план се дава потврда и реафирмација на изградениот, но како што велат што е уште пострашно на неизградениот дел од проектот „Скопје2014“, од кој ова здружение се огради уште кога беше презентиран и бараше негова институционална ревизија.
– Како најголемо здружение на архитектите во Република Северна Македонија, ААМ се залагаше за институционална ревизија на проектот „Скопје 2014“ и институционално справување со насилниот чин на промена на централното градско подрачје. Но, тоа не го дочекавме. Напротив, со овој предлог план вие давате институционална потврда и реафирмација на изградениот, но што е уште пострашно и на неизградениот дел од проектот „Скопје 2014“. Нашата зачуденост е уште поголема бидејќи на 17 декември 2017 година донесовте одлука, која сѐ уште важи, за мораториум на градба во општината додека сите планови кои сметате дека се лоши не се ревидираат. Новите ревидирани планови ги носите по приоритет, притоа условите за приоритетот по кој се носат плановите никогаш не ѝ беше соопштен на јавноста. Бидејќи овој план е повеќе од 90 проценти реализиран, ААМ подразбира дека приоритет ви е изградба на Споменикот Мајка Тереза (поставен врз ул. Орце Николов), т.н. Шпански скали, потврда на додадениот трем на Стоковната куќа НАМА од архитектот Славко Брезовски и потврда на статусот на заштита на Спомен куќата на Мајка Тереза и Триумфалната порта, и со тоа конечно завршување на проектот „Скопје 2014“, стои во реакцијата.
ААМ дополнува дека секогаш имала разбирање за деталните планови каде има комплицирани имотно-правни односи и секогаш се залагала за оптимално решение. Но, овде, потенцираат, станува збор за објекти и земјиште во државна сопственост и објекти кои во својата срж, во најмала рака се спорни, поради што сметаме дека за ваков предлог-план нема потреба од јавна презентација и јавна анкета пред спорните објекти да бидат исфрлени од планот. Јавна презентација на ваквиот планот беше веќе еднаш направена кога се презентираше проектот „Скопје 2014“ во 2010 година, потсетуваат од ААМ.
Како дообјаснување на нивниот став во врска со овој план го доставуваат и писмото од Вонредното собрание на ААМ, одржано по повод проектот „Скопје 2014“, кое во 2010 година било испратено до тогашниот премиер Никола Груевски.
Во заклучните согледувања во писмото од март 2020 година ААМ наведе дека се оградува од проектот Скопје 2014, оценувајќи меѓу остананатото дека е стручно неиздржан и не ја антиципира иднината.
-Ние архитектите заедно со граѓаните, сме ставени во недостојна позиција. И стручното и општото јавно мислење е исклучено во донесувањето на извонредно важни решенија од проектот СКОПЈЕ 2014. Нужно е да се огласат оние кои мислат и делуваат поинаку. Нашата теза не нуди готови решенија, таа има за цел да отвори прашања, да развие темелни дискусии, да го продолжи процесот на договарање и одлучување. ААМ се оградува од проектот СКОПЈЕ 2014 ваков како што е, затоа што во целост му недостига и временски, и географски, и политички, и економски, и културен, и социјален контекст. Тој е стручно неиздржан. Тој не ја антиципира иднината, стои во заклучните согледувања.