Асоцијацијата на архитекти бара суспензија на плановите ако има издржани аргументи

Одговорно менаџирајте со државното земјиште, користете ја законската можност за суспензија на планови доколку има издржани аргументи за тоа, санкционирајте ги лиценцираните субјекти под ваша надлежност доколку има сериозни повреди на професионалното работење, се дел на барањата кон надлежните институции упатени од Асоцијацијата на архитекти и Академијата на архитекти како дел од оваа Асоцијација.

Ова нивно обраќање е поттикнато од актуелните дискусии и случувања во врска со парцелите кај „Холидеј ин“ во центарот на Скопје, каде што, според Деталниот урбанистички план (ДУП), кој не е во согласност со Генералниот урбанистички план (ГУП), се предвидуваат висококатници.

„Асоцијацијата е за доследно почитување на целите, проекциите и планските решенија од ГУП на Град Скопје 2012-2022 год. и плановите од пониско ниво кои мора да бидат усогласени со овој стратешки план. Тоа се однесува и на планот во чиј состав е оваа локација кај ‘Холидеј ин’, но и за сите останати за кои постои интерес во јавноста, како што се фабриката Треска, Дебар Маало, Мал Ринг, Езеро Треска, Расадник…“,велат од Асоцијацијата и од Академијата на архитекти.
Преку соопштението, тие се обраќаат и до своите колеги архитекти и им порачуваат дека треба да креираат квалитетен и хуман простор и да се држат до своето достоинство и етичноста кон струката, да бидат колегијални и да го задржат својот професионален интегритет.

„Оние наши колеги, кои се занимаваат со урбанистичко планирање на просторот, а кои работат спротивно на законски акти од повисок ранг (ГУП), мора да сносат одговорност за таквото постапување, кое е првенствено на штета на јавниот интерес, а е на штета и на етиката, принципите и угледот на нашата струка“, пишува во соопштението.
Од инвеститорите и градежните компании бараат да го градат таму каде што е пропишано и да ги почитуваат законските прописи и советите од архитектите.

На локалната самоуправа ѝ порачуваат да го почитува квалитетниот градски простор, неговата урбана и архитектонска историја и да создадат услови за сеопфатна инклузивност при негово креирање, додека од граѓаните бараат да бидат вклучени во донесувањето на одлуките, но и да ја почитуваат и експертизата од професионалците.

На Уставниот суд, кој го укина мораториумот на ДУП-овите во Центар, пак, му порачуваат дека судењето за одлука за мораториум претставува и судење на јавниот интерес.

Back to top button
Close