Аташе за печат

 

Најниското звање (што не значи и најмалку важно) во дипломатијата е аташе (Atache), француски збор афирмиран во англискиот јазик, не водејќи сметка за родот на именката. И макар што во дипломатијата, освен во воената, аташе е најнизок ранг, во листите на дипломати во секоја држава најголем број на дипломатски звања се аташеи за кои најчесто не се наведуват областите са кои се тие приврзани во својата “дипломатска дејност”. Прилично се мистериозни овие дипломати, но сепак им се открива трагот во снегот, доколку се пратат објектите и субјектите на нивното интересирање, а посебно нивните дипломатско-спортски активности.Тениските терени им се посебна инспирација, а и ловот на ситна дивеч или пернати животни. Сега се прашувате зошто толкав вовед за еден традиционален вид на дипломатска активност. Одговорот е последното ламентирање на Министер Б. Османи за односот на неговата институција и (не)реагирањата за известување на странските медиуми за настаните поврзнаи за односите со трети држави, во овој случај бугарските. Но, пред да објаснам, го повикав мојот бесплатен советник, С.Фројд. Тој ми сугерира дека Министерот   Б.Османи макар што студирал медицина во неговата потсвест  има сплитинг кон една друга професија. Пробал како министер за здравство, област која му е позната, па набрзо се  прешалтал на ЕУ, за конечно да  го оствари сонот да биде шеф на дипломатијата, забележувате  не спомнувам чија. Тоа не значи дека тоа е лимит. Верува дека со својата мудрост  може  ја засени светската дипломатија (така мислеше и С.Керим) со што ќе се тргне од “македонските работи”. Доста го експлоатирав Фројд, ај сега нешто автетично.

 

Секој министер за надворешни работи, а машала кај нас ги имало многу за триесет години, кога ја превзема функцијата, се однесува како да цел животен веке провел во дипломатијата, во некоја демократска држава, влијателна  во меѓународните односи. И новиот министер кој од операциона сала, доаѓа директно (секако се телохранители) во својот кабинет во палатата Сарафов и продолжува со дејностите во својата Фројдовска  опсесија. Со некоја намера или не во времето кога беше вице-премиер за ЕУ, тогашниот наш премиер З.З. го постави како координатор за изградбата на патиштата, а откако владата побара мислење на Венецијанската комисија по повод Законот за употреба јазиците, министерот Османи не претставуваше пред Комисијата. Двете негови активности не дадоа резултати. Од автопатиштата нема ништо, а забелешките на Венецијанската комисија не се детално  кај нас образложени и објавени.

 

Како вљубеник во дипломатијата на Министерот Османи не му пада на памет  да се позабави со тоа дали МНР има дипломатска архива и со какви архивски материјали и од кои датуми располага, дали криптозаштитата му е на соодветно ниво, дали неговите амбасадори и дипломатскиот состав, дома и надвор се безбедоносно обучени, каде се образуваат неговите дипломати, од каде ги регрутира и по кои критериуми (дали може една наставничка по англиски на село, да биде заменик МНР (впрочем и во поранешната влада еден градежен инжењер, кој впрочем и таа професија не ја обавувал, исто така беше заменик министер во МНР), дали сфати дека МНР е локална железничка станица во која во засмрдените чекални, се шетаат дипломатите чекајќи да дојдат на ред да заминат на гурбет, дали анализира индивидуални профили на своите дипломати кои ги испраќа за амбасадори, дали води сметка дека и нивните сопруги или така пријавени,  се дел од македонската дипломатска мрежа. Нашите домаќинки ги пратат амбасадорите надвор не само по петоците да им варат тетовски грав, на радост на комшиите кои живеаат во соседство. Покрај варење на грав, втора опсесија им е ткн. твитер или фб, ткн. социјални мрежи кои една наша амбасадорка максимално го користи и за информации дека купила нови чевли на Виа Венето, а втората од златниот Праг каде што го прати својот маж амбасадор, зашто е наградена со 20% од неговата плата (цца 1.000 еу), со своите статуси на социјалните мрежи ја крши Виенската конвенција.

 

Министерот Османи секако добро не ја проучил и систематизацијата во МНР во функција на приоритетите на нашата надворешна политика. Тој амбасадорите ги предлага, а предлозите наравно  усогласени со А. Амети не му се одбиваат, не поради професионалните и личните афинитети на кандидатот, туку врз база на пазарањето. Контигентот на амбасадорите што ги предлага Претседателот Пендаровски, не ја нарушува таа хармонија на неспособните. Па така се  наговестува дека за амбасадорка во Софија ќе оди сегашната  во Брисел ( неповолен за нас тајминг за менување), а во Белград  (кај го најдоа) човекот кој се обиде да биде супервизор во Комисијата за историски прашања. Би било добро нашата позната аналитичарска служба во МНР да ги анализира ликовите и делата на досегашните бугарски амбасадори кај нас, по што многу работи ќе им бидат појасни. Што ако на Србија, ако евентуално  стане членка на ЕУ пред нас, и текне да формираме таква историјска комисија поради заедничката ни историја, па цар Душан и средновековните манастири на Немањиќи бидат централни теми на Комисијата. Тешко прашање и за МПЦ. Бадијала што Заев му нудеше соработка на Бартоламеј. Впрочем  поранешниот ни премиер не е свестен колку неволи на домашен план, и со своето неопитно однесување  и на меѓународен план нанесе за Македонците, а и за Албанците. Негов проект е што Албанските партии сега имаат половина од сите министертва, а заедно  со заменичките места, процентуално со во  мнозинство. Таква анализа за последиците на подолг план нашиве не прават, вклучувајќи го и министерот Османи. Плафонот на учество на албанските министри е подигнат и повеќе не може да се намали.

 

Министерот Б. Османи во однос со односите со Софија се однесува Гандиевски. На прв поглед тоа изгледа добро. Но паралерата со нашиов случај со Софија, дава друга димензија. На почетокот на 20 век Обединетото Кралство го губеше приматот без оглед што империјата се простираше  од излегувањето на сонцето до неговото заоѓање. Софија не е во таа позиција. Треба да се простат со Санстефанска Бугарија, а тие го слават денот на потпишувањето на тримесечниот договор како национален празник. МНР Б. Османи треба  како стратег да размислува долгогодишано. Што ако потклекнеме на барањата на Бугарија. Каква е тогаш перспектива на Македонците, ама  и на Албанците. Дали во тој случај Албанците би имале половина министри во некоја друга влада.

 

Но, јас забраздив во геополитика. Да се вратам во реалноста околу насловот. Гледајќи ја систематизацијата на нашата ДКП мрежа, министерот Б. Османи секако забележал дека кај нас не постои функција аташе за печат (опфаќа секако и електронски медиуми) или аташеи за култура, макар што културата е единствен македонски коњуктурен извозен нематеријален производ. Ние ниту криви краставице не можеме да извеземе, туку ги увезуваме. Министерот Османи наместо секој ден на својата маса да ги има извештаите од сите светски медиуми на тема ” како странците не доживуваат”, тој чека некој наш медиум по добиена агенциска вест да не извести за тие стаавови. Во ниту една наша Амбасада нема дипломат во функција на аташе за печат или култутра. Не само што  не постои, туку  дипломатите во било кои ранг  не се занимаваат со овие прашања. Па затоа МНР Османи и нема ажурни информации како известуваат странските медиуми. Згора на тоа нашите медиуми (со исклучок на нередовните од САД) немаат свои дописници во странство. Ако на то додадеме дека нашите амбасадори се “глувонеми” добро неинформирани ( се оградувам од како го зајакнавме НАТО, ни пуштаат по некоја информација, да проверат дали ќе протече надвор). Па затоа ни се случува Министерот Османи, да нема соодветен одговор на прашањата како тоа бугарските медиуми во нашава држава известуваат како да е и етарскиот простор како и етничкиот бугарски, додека нашата национална телевизија се уште не е на медиумскиот простор на Бугарија, зашто имаме договор. Министерот Османи се правда дека МНР не е компетентно, односно не е регулатор на тоа која бугарска медиумска куќа емитува во нашава држава и со каква содржина, бидејќи МНР нема капацитет да ги прати програмите, ниту пак МНР сака да се меша во тие работи, бидејки не се регулативно  тело, а со тоа мудро одбегнуваме да го ерозираме досегашното наше европско позиционирање во односите со Бугарија, како членка на ЕУ и НАТО која  поради тоа е и привелигирана.

 

 

Сега пристигнавме конечно до насловот на колумната. МНР можеби нема доволно кадар, а министерот доволно време да забележи  што се емитува во македонскиот етар, ама затоа  другите инволвирани институции за тоа се опремени и компетентни. Нивните информации и анализи се достапни на МНР.Реагирањето на МНР Османи за тенденционо информирање треба да има , пред се,  политичка димензија, а не техничка. Со тоа нема да ги влоши сегашните односи зашто самиот стравува. Нереагирањето и во Софија не му носи поени. Тотално погрешно. Поговорката “Јас тебе со леб, ти мене со камен” настаната е токму на Балканот. Во дипломатијата мора да постои реципрочност. Единствено така те ценат. Реципрочноста секако не води сигурно кон постигнување на целта, ама не го ерозира угледот на државата. Ние можеме се да направиме, али во конечниот акт на приемот, Бугарите можат да кажат, се е ОК, ама нема потреба да се става и македонскиот јазик како јазик во ЕУ, бидејки веќе имаме бугарски. Тоа го напишав пред 15 години.

 

Со аташеите немаме среќа. Пробавме и со ткн . трговски аташеа под кодно име  економски претставници, сега евулирани во економски советници при нашите ДКП. Ништо од таа работа, од многу логични причини. Последни сме на Балканот по сите  економски параметри. Економски советници треба да се професионалци од единствена Стопанска комора во нашата држава. Нивното финансирање треба да зависи од придонесот кои го даваат во зголемувањето на нашиот извоз, а не во   распродажбата на националното благо на странските инвеститори, кои откако ќе си ги преполнат бисагите си одат  дома со медот. Нас ни ги оставаат празните кошници. А пчелите и така живеат едно лето.

 

Пишува: Ѓорѓи Мисајловски

 

 

 

 

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close