Атентаторот врз заменик началникот на руската ГРУ , генерал Алексеев, уапсен во Дубаи

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денеска објави дека во Дубаи е уапсен маж осомничен за вооружениот напад врз врвниот руски воен разузнавач Владимир Алексеев во Москва.
Осомничениот веќе е екстрадиран во Русија, објавија британските медиуми.
Генерал-потполковник Владимир Алексеев, заменик-началник на ГРУ, руската воена разузнавачка служба, во петокот беше застрелан повеќе пати во станбена зграда во Москва, потврдија истражителите.
Според извештаите на руските медиуми, Алексеев бил опериран по нападот.
ФСБ објави дека рускиот државјанин Љубомир Корба е уапсен во Дубаи под сомнение дека го извршил нападот.
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ја обвини Украина дека стои зад обидот за атентат, велејќи дека целта била саботирање на мировните преговори.
Украина негираше каква било поврзаност со нападот.
Во меѓувреме, претпоставениот на генералот Алексеев, адмиралот Игор Костјуков, кој ја предводи ГРУ, ја предводеше руската делегација на преговорите со Украина во Абу Даби. Темата на преговорите беа безбедносните аспекти на потенцијалниот мировен договор.






