Атина ќе побара вонреден состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ

 Шефот на грчката дипломатија да побара вонреден состанок на Советот за надворешни прашања на Европската унија, било одлучено на денешната средба на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со министерот за надворешни работи Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката е поради последните тензии во грчко-турските односи околу бродот „Оруч Рејс“ за кој Грција смета дека е во нејзиниот континентален гребен.

Министерот за надворешни работи на Грција, денеска се сретна со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат со кој, како што напиша Дендиас на „Твитер“, разговарале за „развојот на настаните во Источен Медитеран и за турските нелегални активности“.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како што претходно објави МИА денеска телефонски ќе ги информира лидерите на политичките партии, а рано утрово веќе разговараше со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и ја информираше за последните случувања во Источниот Медитеран.

Back to top button
Close