Атина и Никозија понудија помош до Либан, експлозијата почувствувана и на Кипар

– Грција и Кипар изразија жалење и сочувство до Владата на Либан по експлозијата и понудија помош доколку е потребно, додека, пак, според кипарските медиуми повредени се три Кипранки, предизвикана е штета на амбасадата во Бејрут, а експлозијата била почувствувана и на островот, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерството за надворешни работи на Грција, преку соопштение, доцна синоќа изрази сочувство до Владата и народот во Либан и истакна дека земјата „е подготвена да им помогне на либанските власти со сите средства што ги има на располагање“.

Подготвеност за помош и сочувство изрази и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку неговиот официјален „Твитер“ профил.

-Во име на грчкиот народ, сакам да изразам најдлабоко сочувство до народот во Либан, особено до семејствата кои претрпеа загуби и им посакувам брзо закрепнување на повредените. Нашите мисли се со вас. Грција е подготвена да ја обезбеди потребната помош, напиша Мицотакис.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас преку „Твитер“ соопшти дека контактирале со одделот на ЕУ за цивилна заштита и изразиле подготвеност за помош, додека пак градоначалникот на Атина Костас Бакојанис рече дека се во контакт со општина Бејрут за да понудат помош бидејќи „вистинските пријателства се покажуваат кога е тешко“.

Силната експлозија била почувствувана и на Кипар, а според кипарските медиуми, нанесена е штета на кипарската амбасада во Бејрут и повредени се три кипарски државјанки.

Претседателот на кипарската заедница во Либан, како што пренесуваат медиумите од островот, говорејќи за државното радио рекол дека полесно се повредени три жени меѓу кои и вршителката на должност во амбасадата на Кипар во Бејрут.

Според истите информации, во Бејрут живеат околу 2.000 кипарски државјани.

Претседателот на Кипар Никос Анастасиадис и шефот на кипарската дипломатија Никос Христодулидис преку нивните официјални „Твитер“ профили изразија подготвеност за каква било неопходна помош.

Back to top button
Close