Атрактивниот плац на Груевски на Водно се уште не е огласен за продажба, 6 месеци се проценува неговата вредност
Веќе шест месеци се чека да се направи проценка на вредноста на атрактивниот плац на Водно, кој беше дел од тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски, конфискуван со пресудата за ,,Плацеви на Водно”. Од Агенцијата за управување со одземен имот за ,,Фокус” велат дека барањето за проценка било испратено пред половина година.
-За недвижниот имот, запишан во КО Центар 2, испратено е барање до Биро за процени на 07.08.2023 година но за истото се уште немаме одговор, ни одговорија од Агенцијата.
Од Бирото за проценки за Фолис не дале одговор зошто им е потребно толку време за да ја одредат вредноста на имотот.
За да имотот се огласи за продажба, најпрвин треба да се направи проценка, а потоа да се даде зелено светло и од Владата, па дури тогаш Агенцијата за управување со одземен имот објавува оглас.
Овој плац, во местото Шербетница, е со големина од над 10.000 квадратни метри, и е поделен на три парцели. Според пресудата за ,,Плацеви на Водно”, Груевски тајно го купил имотот за 1,3 милиони евра, а бизнисменот Сергеј Самсоненко кој тврдеше дека плацот е негов, велеше дека го платил 1,8 милиони евра. Сепак тој ја изгуби судската битка, бидејќи според пресудата, бил фиктивен сопственик.
Обвинителството тврдеше дека овој плац е во тајна сопственост на Груевски, кој го купил со 1,3 милиони евра партиски пари. Потоа, според обвинението, и пресудата, плацот сменил неколку сопственици, со цел да се тргне погледот од тогашниот премиер.
Сѐ почнало во летото 2012 година, кога Ристо Новачевски, по барање на кумашинот Груевски, основал фирма-ќерка во Скопје, „Сирах инженеринг“, за преку неа да ја изврши купопродажбатаПо објавата на „бомбите“, од кои се дознава дека сопственик е Груевски, се прави обид да се прикрие вистината, па Новачевски ја пренесува сопственоста на друго правно лице.
Поточно, според документите од Централен регистар, уделот во „Сирах инженеринг“ го купува „Орка“, во сопственост на Камчеви, а поголемата парцела се цепка на три помали. Со големина од 4.470, 750 и 4.923 квадратни метри шума.
Потоа газда станува Друштвото за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионери „Лајф кеар центар“. До јуни 2019 година, оваа компанија била на бизнисменот Камчев, а потоа управител и сопственик станува Ирина Самсоненко, сопруга на рускиот бизнисмен Самсоненко.
…