(АУДИО) Две нови снимки од Заев: Бранко нема никакво влијание во СДСМ

Нови аудиоснимки се појавија на Јутјуб на каналот со име „Бране капитал“, во кои се слуша гласот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Исто како и во претходните аудиоснимки, објавени на 29 јуни, гласот на неговиот соговорник е мутиран, но и во нив атмосферата потсетува на снимките за кои Заев кажа дека потекнуваат од ручек во Струмица од летото 2016 година, на кој бил со Александар Верушевски, синот на Зоран Верушевски.

Првата снимка трае 32 секунди и лидерот на СДСМ зборува за преземањето на партијата и за влијанието на претходниот лидер, Бранко Црвенковски.

 

Разговорот е следен:

Заев: Јас го презедов Ес-де-ес и јас го финансирам сам Ес-де-ес. Не ми требаат ни Бранко ни луѓето на Бранко. Го терам сам. Да заврши едно милје целосно на Бранко во СДСМ.

Соговорник: Како ќе заврши?

Заев: Како? Он нема никакво влијание во СДСМ.

Соговорник: Он нема влијание во СДСМ?

Заев: Бранко…

Соговорник: Зоки, многу го потценуваш човекот.

Втората снимка, пак, трае само три секунди во кои Заев кажува „јас имам 8 и пол милиони евра капитал“, но не е целосно јасен контекстот на што се мисли бидејќи помеѓу неговата реченица и претходната на соговорникот, кој прашува „што се милион за тебе“, снимката е видно скратена.

Соговорник: Што се милион за тебе …

Заев: Имам осум и пол милиони евра капитал.

Заев се извини за кажаното во претходните снимки со „непознатиот“ соговорник

Претходните две снимки од истиот ручек со Александар Верушевски во 2016 година беа објавени на 29 јуни. Зборувајќи за тогашните претстојни избори, во нив може да се слушне како Заев вели дека во коалиција „ќе соберам на купче и шуто и рогато“, а потоа и дека „мамето ќе им го е..м после на сите што ќе влезат кај мене во коалиција“.

По објавувањето на снимките на снимките, Заев се извини.

Последен пат тој даде коментар вчера одговарајќи на новинарско прашање.

„Јас и јавно се извинив на Фејсбук, објавив статус достапен до сите, сигурно и до граѓаните учесници во ’Шарената револуција‘. За тоа каков сум навистина, овие три години зад нас покажуваат каков сум. Имавме обична соработка, учевме од нив, тие се голем дел активисти на граѓанските организации, но многу голем процент од учесниците во ’Шарената револуција‘ се граѓаните неопределени во политичките партии. Секако, после 2 часа и 17 минути седење во кафеана на слободен разговор се случуваат грешки. Сум знаел секогаш да се коригирам и овој пат се коригирам заради тоа што ниту сум го мислел тоа ниту, еве времето покажа, дека сум имал некакви непријатности во работењето. Напротив, имавме одлична соработка, изработивме заедно многу за нашата земја“,, рече Заев

Низа „бомби“ во пресрет на изборите беа „фрлени“ и во „дворот“ на ВМРО-ДПМНЕ, во кои се слушаа делови од разговор на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски и осудениот во „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец. Денеска, пак, беа објавени две аудиоснимки од генералниот секретар на партијата и носител во третата изборната единица Игор Јанушев и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Back to top button
Close