Аушвиц беше „индустриски погон за убивање луѓе“

Ошвјенчим. Во суштина, ова не е особено важен град. Станува збор за полски град со население од нешто повеќе од 10.000 жители, кој беше окупиран од германскиот Вермахт во 1939 година, а потоа анектиран и преименуван во Аушвиц. Но, денес сите го знаат тоа име. Во оваа област, нацистите го изградија најголемиот германски логор за истребување, концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау, во 1941 година.

Овде, до крајот на јануари 1945 година, според веродостојни податоци, биле убиени најмалку 1,1 милион луѓе, главно Евреи, но и Роми, Синти и припадници на други малцинства.

Зошто овде? Зошто Аушвиц? „Локацијата е избрана поради тоа што е лоцирана во центарот на Европа и лесно може да се стигне со возови за депортација“, изјави за ДВ Кристоф Хојбнер, потпретседател на Меѓународниот комитет на Аушвиц (ИАК).

 

Логистички причини

Сè требало да се направи брзо, за голем број луѓе, без одложување. Убијците биле експерти за планирање масовни убиства.

Германското масовно убивање на различни групи луѓе започнало и претходно. Набргу по германскиот напад на Полска во почетокот на 1939 година, во Источна Европа се случиле бројни масовни стрелања. И овие злосторства се добро документирани.

Откако Хитлерова Германија воено окупираше големи делови од Европа, Евреите требаше целосно да бидат избришани од лицето на земјата. За таа цел, на 20 јануари 1942 година е одржан „состанок“ во вилата на езерото Ванзе западно од Берлин, тогаш гостинска куќа за полицијата и СС. Петнаесетмина од полицискиот апарат се сретнале час и половина за да ја разјаснат и усовршат организацијата на масовните егзекуции и убиства на европските Евреи.

Еден од учесниците, полицискиот службеник Рудолф Ланге, претходниот ден застрелал повеќе од 900 Евреи во близина на Рига, а потоа отпатувал во Берлин.

Секој што ќе го посети денес споменикот „Куќата на конференциите во Ванзе“ и ќе го погледне факсимилот од единствените сочувани записници од тие 90 минути, не може никаде да ги прочита зборовите „убиство“ или „смрт“. Се зборува само за „Кконечно решение“ – сите учесници знаеле што значи тоа. Холокауст.

Било планирано формирање на бројни логори за истребување. И од март 1942 година, возовите за депортација од многу делови на Европа возеле до местата на масовни убиства во окупирана Полска. Еврејскиот народ требало да „исчезне“.

 

Со воз до смрт

Овој концепт привлекува внимание на друг аспект. Бидејќи Аушвиц, на крајот на краиштата, всушност започнал на многу железнички перони низ Германија и Европа. Логорот за истребување Аушвиц-Биркенау имал своја железничка врска. По излегувањето од возовите, затворениците биле однесени на т.н. рампа. Од рампата, многумина веднаш беа однесени во гасните комори и убиени, додека други прво биле користени како работна сила во логорот.

Во неколку германски градови има меморијални места посветени на депортациите до смрт, на пример во Келн, Штутгарт, Хамбург и Визбаден. „Споменикот на патеката 17“ на берлинската железничка станица Груневалд е многу познат. Ова место често го посетуваат политичари и други официјални делегации од Израел. Само од оваа станица за Аушвиц-Биркенау тргнале околу 35 возови со 17.000 Евреи.

Нацистите, исто така, со железница, најчесто во сточни вагони, ги превезувале Евреите од многу европски земји, вклучувајќи ги Франција, Белгија, Холандија, Италија, Унгарија, Грција, како и од Балканот: од Хрватска, Бугарија и Македонија, до Аушвиц и други логори.

 

Го преживеала погонот за убивање

Анита Ласкер-Валфиш од Бреслау, која ќе го прослави својот 100-ти роденден во јули 2025 година, како девојче била донесена во Аушвиц со воз и го преживеала логорот – благодарение на среќата и затоа што свирирела на виолончело. Таа била потребна во „женскиот оркестар“.

Таа останала во Аушвиц од декември 1943 до ноември 1944 година, а потоа била префрлена во логорот Берген-Белзен. На комеморацијата во Бундестагот во 2018 година, таа сведочеше: „Ако не завршеа во гасната комора веднаш по пристигнувањето, во Аушвиц и онака не можеше да се преживее долго – највеќе три месеци“. Нејзиното свирење и дало шанса да преживее.

„Транспортите беа многубројни и се случуваше крематориумот V да не може да ги собере сите луѓе кои пристигнуваа“, раскажа Ласкер-Валфиш „Оние за кои немаше место во гасните комори беа застрелани. Во многу случаи, луѓето ги фрлаа живи во оган. И тоа го видов”.

Аушвиц-Биркенау бил машина за убивање. Со индустриски печки.

 

Очила и човечка коса 

Секој што денеска ќе го посети спомен-локалитетот и музеите во неколку бараки, останува без зборови од ужас. Неколку метри високи купишта човечка коса, очила, големи витрини полни со протези или последни лични работи. Сведоштва за масовни убиства.

На 27 јануари 1945 година, војниците на Црвената армија стигнале до логорот.Кристоф Хојбнер (75), кој како долгогодишен потпретседател на Комитетот на Аушвиц имаше контакт со многу преживеани, ги сумираше нивните сведоштва: „Тоа беше момент на апсолутен застој. Ослободителите, млади војници од Украина, Русија и другите републики на тогашниот Советски Сојуз, стоеја пред портите на Аушвиц и не можеа да им веруваат на своите очи. Тие веќе виделе многу. Но, не она што стоело пред нив – мртви на две нозе. Дури кога ги погледнале нивните лица и очите, сфатиле: Овие костури се живи“.

 

„Речиси незамислива нечовечност“ 

Секој што бил затвореник во Аушвиц засекогаш го носел бројот што нацистите му го истетовирале на раката. Речиси незамисливата нечовечност на ова место, никогаш не им дала мир на многу луѓе. „Незамисливи злосторства врз невини луѓе полека излегуваа на виделина. Размерите на катастрофата беа неразбирливи“, рече Ласкер-Валфиш во Бундестагот во 2018 година.

„Тоа беше место на државен организиран криминал“, вели Хојбнер. „А злосторството е во што беше е создадена индустриска машина за убивање луѓе“.

Поминаа децении пред во Германија да започне поширок третман на ужасите на Аушвиц. Денеска се живи само последните сведоци.(dw)

 

Back to top button
Close