Аутопсија на еден „активен бојкот“

Опозицискиот „активен собраниски бојкот“ тукушто започна, а веќе е време за аутопсија на тој најнов обид за рушење на власта. Зошто? Бидејќи на тој начин власта нема да биде соборена. А делува очајнички и, можно е, ќе направи дополнителна штета на и онака нискиот рејтинг на опозицијата. Кој е само нешто повисок од оној на власта.

Тоа е елементарното прашање за опозицијата: зошто рејтингот никако битно не ѝ расте, дури и според нивните „мерни станици“, после сите упорни обиди откако ги загуби минатите парламентарни избори за соборување на власта?

Од победата на локалните избори, со депресивно ниско ниво на освоени изборни гласови, ВМРО-ДПМНЕ го троши тој скромен изборен кредит со распенавено „лаење“ покрај патот, додека карванот си врви. Нивниот проблем не е колку гласачи не ја сакаат власта; за тоа успешно се грижат СДСМ и ДУИ. Нивниот проблем е зошто разочараните од власта не наоѓаат алтернатива во опозицијата? Зошто ја сметаат за јалова, неавтентична, истрошена, во веќе видени изданија – како ова со бојкотот на Собранието, што сега ќе се „надградува и проширува“ – за кои големата критична и апатична гласачка маса „пет пари“ не дава?

За најголемите проблеми во перцепциите и реалноста на ова општество – евро-интеграциите, корупцијата, растечката сиромаштија, енергетската криза, продолжената партизација на државниот апарат и сл. – опозицијата нема своја политика што може да се запамти и препознае. Има месечно по сто партиски соопштенија, прес-конференции, дневни изјави и повеќе интервјуа по медиумите веројатно двојно од просекот на сите изминати триесетина години демократија, но нема кој може да ви наброи пет конкретни идеи на опозицијата како да се решат тие проблеми. Власта си тера реформски „бизнис-ес-јужуал“, со бледи резултати; опозицијата исто така.

Затоа, всушност, и овој парламентарен бојкот повеќе наликува на здодевен и неоригинален изговор – „Еве, правиме нешто!“ – за недостатокот од политики за сите актуелни теми што го преокупираат секојдневието на граѓаните. Претпоставувам дека следното „активно ниво“ е со по пет-шест автомобили со денови да се блокираат клучните крстосници во Скопје… Е, дури тоа би било нешто ново и невидено! И сигурно ќе охрабри стотици илјади гласачи да се приклонат кон барањата на опозицијата.

Во меѓувреме, рутинираниот „карван“ на власта „укнижува“ разврзување на уште еден децениски историски јазол, оној со статусот на МПЦ-ОА – бидејќи, да нема сомневања, колку што е тој компликуван расплет црковен, толку е и граѓански, политичко-дипломатски успех – па дури и ако ништо не се случи во догледно време со евро-интегративната „ќоравија“ со Бугарија, овој мандат на СДСМ, ДУИ и другите помали коалициски партнери во власта влегува директно во аналите на вековната македонска мултиетничка и мултикултурна историја. Ако тоа не е „зацврстување на националниот идентитет“ – омилената опозициска дрндупка сите овие години – тогаш не знам што е… Законот за коцкарници? Ископот на јаглен во РЕК Битола? Јавниот превоз во Скопје? Платите во образованието? Некој нов корупциски скандал? Или тековниот раст на инфлацијата, можеби? Не дека и на овие теми не се губат или добиваат избори, но трајноста им е како ланскиот снег. За нив експертската и невладината заедница во Македонија секако имаат покохерентни ставови од оние на опозицијата.

На „ланскиот снег“ наликуваат и опозициските (само)фалби за стоте дена локална власт. Поминуваат и двесте денови од нивното управување со најголемиот дел од општините и да не се контроверзите со скопската градоначалничка, ништо особено битно нема што да се рапортира од тој поднационален сектор на управување со државата. И ВМРО-ДПМНЕ, како што тоа го правеше и СДСМ, не го користи граѓанскиот, непартиски дел од локалната самоуправа за промовирање на иницијативи, проекти и поинаков начин на работа и општинско одлучување што не би ја имал партиската логика и интереси зад себе. Шест месеци се доволно време за да се видеше евентуален нов пристап на владеењето на локално ниво што би можел да навести нови политики за националниот изборен натпревар. Тенка работа. Па, не може еден Тимчо Муцунски да биде единствената локална „ластовичка“ оваа опозициска пролет!

Целата колумна на Сашо Ордановски на Цивил медиа. мк

Back to top button
Close