Јавен перформанс „Изгубени модернистички утопии?“

Јавен перформанс насловен „Изгубени модернистички утопии?“ на колективот Кунстрепублик од Берлин со студенти од Факултетот за драмски уметности, од Архитектонски факултет и од Ликовна академија, ќе се одржи денеска напладне во Скопје, во близина на објектот – зграда на поранешна месна заедница во Тафталиџе.

Перформансот е произлезен од четридневната интердисциплинарна работилница „Изгубени модернистички утопии?“(30.11-4.12.2021) што се одржа под менторство на Миодраг Куч (Колектив Кунстурепублик/ ZK/U Центар за уметност и урбанизам – Берлин) и Филип Јовановски (ФР~У/ АКТО – Скопје) во соработка со Факултет за драмски уметности и со Архитектонски факултет од Скопје. Учесници беа студенти по режија на ФДУ и студенти на Архитектонски факултет.

 

Настанот е продуциран од организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“ со поддршка од Гете – Институт Скопје во рамки на 16. АКТО Фестивал за современи уметности – СОВРЕМЕНИ (НЕ)ДЕМОКРАТИИ, интердисциплинарна платформа за едукација и продукција на современа уметност.

Неодамнешната популаризација на и интерес за (социјалистичкото) модернистичко наследство внесе различни позиции и политички (ре-) изјави. Од една страна, архитектите и визуелните уметници често ја фетишизираат неговата естетика (особено бруталистичката архитектура), додека пак од друга страна, урбаниот развој заснован на недвижности се обидува да се ослободи од реликтите на несаканото минато. Помеѓу таквите радикални позиции, државата/градот нема соодветна валоризација кога станува збор за модернистичкото наследство, заробено во секојдневната политика и одржувањето на урбаните инфраструктури кои се распаѓаат.

-Работилницата „Изгубени модернистички утопии?“ ги става граѓанското општество и населбите во центарот на дискусијата, проширувајќи ги значењата и функциите на Месната заедница под чија закрила може да се формираат, дискутираат и испробуваат иновативни идеи за наследството. За време на работилницата ќе размислуваме за имагинарни собранија и политичка култура која не е центрирана на човекот, ќе ги контекстуализираме нашите заклучоци и ќе ги вклучиме локалните чинители, но и ќе воведеме уметнички алатки за трансформација, посочуваат организаторите

Целта на работилницата е да се деконструираат традиционалните пристапи кон наследството („заштита“, конзервација, заживување, семиотички прекин итн.), да се сензитивизираат учесниците за враќање на политичкиот простор и конечно да се даде перформативна повелба за урбана трансформација.

Миодраг Куч е интердисциплинарен уметник и урбанистички теоретичар школуван како архитект/урбанист во различни културни окружувања. Неговата работа ја истражува улогата на ефемерните структури во неизвесни урбани услови и просторни присвојувања на маргиналните општествени групи. Тој е основач на студиото ParaArtFormations, кое се движи на крстопатот помеѓу урбанистичките студии, перформативното планирање, уметничките интервенции и микрополитиката. Куч работи како истражувач и води разни проекти во ZK/U (Центар за уметност и урбанизам) во Берлин, проучувајќи нови начини на продукција на знаење низ објективот на критичката урбана педагогија. Во моментов, работи на развивање на образовниот оддел на ZK/U (ZEDucation).

16. АКТО фестивалот за современи уметности во 2021 година отвора двогодишна тема „Современи (не)демократии“ во обид на согледување на процесите на приватизација и отуѓување, кои водат кон разорување на јавното, оневозможувајќи го заедничкото. АКТО ја испитува оваа тема преку примерот на плоштадот како репрезент на современите недемокрациски процеси, кој наместо да биде арена каде што се слуша агонистичка дискусија, на создавање политички субјективитети, тој повеќе стана место на набљудување, на пасивност и молк отколку на јавност или на живот на улица. Па така преку оваа деполитизирана, еродирана и приватизирана платформа, АКТО се обидува да го истражи стеснувањето на јавниот простор кој води до стеснување или намалување на изразувањето на јавното мислење, а со тоа и намалување на демократијата.

 

„Современи (не)демократии“се обидува да одговори на предизвиците, но и препреките во непрепознавањето на недемократиите кои ни се случуваат секојдневно. Дали имаше вистинска дебата на јавните простори во земјава? Или само конфликт кој сè уште трае и се продлабочува? Конфликт што го дели (поларизира) општеството и со тоа го спречува неговиот развој? Што е демократија во денешен контекст и како таа (не) демократија се рефлектираше преку неможноста на раѓањето на агоностичка агора? И какви практики и активности имаат потенцијал да го изградат градот за да се одржи плоштадот како јавен?

 

 

Back to top button
Close