Јавен повик до ОБВИНИТЕЛИТЕ И ИНСТИТУЦИИТЕ – Правда за 62 те невини животи . Родителите бараат да се објават сите видео докази од кобната вечер

ЈАВЕН ПОВИК ДО ОБВИНИТЕЛИТЕ И ИНСТИТУЦИИТЕ: ПРАВДА ЗА 62-ТЕ НЕВИНИ ЖИВОТИ
До: Основното јавно обвинителство, Јавно обвинителство на РСМ, надлежните институции, домашни и странски медиуми, јавноста се огласија попладнево  и на социјалните мрежи родителите на загинатите 62 деца  по денешната прес конференција на која обвинителот Коцевски објави дека истрагата има докази за 34 лица со кривична одгворност во кои засега ги нема синоќа приведените 13 полициски началници шефови командири од СВР Штип и ОВР Кочани кои судот денеска не им одреди притвор туку само мерки на претпазливост.

Од: Родителите на 62-те починати млади луѓе – жртви на масовното убиство на 16 март
Почитувани,

Ова не е обичен апел. Ова е повик од дното на нашата болка и достоинство. Од срцата на родители кои ги изгубија своите деца, од гласот на оние што ја живеат најстрашната верзија на македонската реалност: држава без правда, систем без морал и институции без совест.
На нашата прва средба со надлежните обвинители, поставивме само едно прашање:

Дали ги имате снимките од ноќта на 16 март?
Одговорот беше: “Да, ги имаме, се прегледуваат.” Но до денес, ниту една снимка не е презентирана пред јавноста, ниту се употребени како клучен доказ. Поставуваме прашања, но добиваме молк.
Во ваши раце не е само истрага – во ваши раце се 62 невини души.

Од вас бараме чесност, храброст и правда. Но, наместо тоа, гледаме како истрагата се развлекува, како бројот на осомничени се намалува – од 72, на 30, па сега и помалку. А уште полошо:
Осомничените што беа во притвор – денес се дома, слободни. Дел од нив, според информации што кружат во јавноста и меѓу родителите, се ослободени со мито.
Со пари, врски, закани – се спасуваат виновниците.

Почитувани обвинители, ако не сте способни, ако стравот ви е поголем од правдата – отстапете го случајот на некој што ќе работи чесно. Ние не се плашиме. Ние веќе го изгубивме најскапоценото – нашите деца. Ништо не може да нè заплаши повеќе.

Ние, родителите, сме подготвени да го дадеме сѐ – пасошите, куќите, колите, животите, само да ја видиме правдата исполнета. Но ни тоа нема да ги врати. Единствено што останува е барањето:
вистина, отчет и одговорност.

Бараме:

1. Јавно презентирање на сите видео-докази од таа вечер.
2. Објаснување зошто притворените осомничени се пуштени – и кој ја дозволил таа одлука.
3. Да се врати бројот на осомничени како што беше на почетокот – 72.
4. Да се оддалечат сите обвинители кои покажаа политичка вмешаност, конфликт на интереси или несоодветна пасивност.
5. Да се вклучат независни меѓународни набљудувачи и истражители.

Ова не е политичка борба. Ова е борба на родители што бараат правда за своите деца.
Ова е обид последната надеж – правниот систем – да не се претвори во уште една гробница за вистината.

Не ги убивајте уште еднаш нашите деца – со молкот, со корупцијата и со селективната правда.
Доста е.

Со болка, но со непокорна решеност,
Родителите на 62-те ангели

Back to top button
Close