Јавен повик за полагање приемен испит за упис во Математичко-информатичката гимназија

Министерството за образование и наука објави повик за полагање приемен испит на ученици заинтересирани да се запишат во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во учебната 2021/2022 година.

Учениците што ќе се запишат ќе бидат втора генерација во МИГ, новото државно средно училиште кое беше отворено во оваа учебна година. Според Конкурсот за запишување ученици во прва година средно образование, кој МОН го објави вчера, за МИГ се предвидени слободни места за 68 ученици во две паралелки, по една на македонски и на албански наставен јазик.

Приемниот испит ќе се полага во просториите на  СГГУГС „Здравко Цветковски“ во Скопје и ќе опфати две тестирања – по предметот математика на  2 јуни и по физика  на 4 јуни 2021. Тестовите што ќе се полагаат се во согласност со наставните програми по математика од VI до IX одделение и по физика за VIII и IX одделение.

Во МИГ се запишуваат редовни ученици кои завршиле основно образование, стекнале  општ успех од најмалку 4.5 од шесто до деветто одделение и оценка 5 по наставните предмети математика – од шесто до деветто одделение, и физика – од осмо и деветто одделение, и имаат доставено потврда со бројот на освоени бодови од приемниот испит.

Во објавениот повик на веб-страницата на МОН е достапно и Писмо на интерес за полагање на приемниот испит, кое заинтересираните ученици треба да го пратат најдоцна до 31 мај 2021, на адреса: Министерство за образование и наука, Сектор за средно образование, образование на возрасни и доживотно учење, ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје, со наслов „За јавен повик за полагање приемен испит  за запишување во Математичко-информатичката гимназија“ и електронски на е-адресата: [email protected].

Back to top button
Close