Авиокомпании се соочени со жалба поради рачниот багаж

Заштитниците на потрошувачите ќе поднесат жалба до ЕК против седум авиокомпании поради дополнителни такси што авиокомпаниите ги наплаќаат за рачен багаж. Меѓу седумте авиокомпании се и „Рајанер“, „Изиџет“ и „Визер“.

Групите за заштита на потрошувачите имаат намера да поднесат официјална жалба до Европската Комисија поради тоа што на многу летови се наплаќа дополнителен надомест за рачен багаж ако тој надминува одредена големина. Европската организација за заштита на потрошувачите БЕУЦ во Брисел соопшти дека со ваквата практика авиокомпаниите ги експлоатираат своите клиенти. Германскиот сојуз на организации на потрошувачи (ВЦБВ) исто така учествува во оваа надрегионална иницијатива.

Жалбата е насочена против седум авиокомпании – вклучувајќи ги „Рајанер“, „Изиџет“ и „Визер“. Овие авиокомпании им дозволуваат на патниците бесплатно да носат мал рачен багаж, кој обично треба да може да се смести под седиштето. Сѐ што е над таа големина, подлежи на надомест.

Европски суд: Рачниот багаж со разумна големина мора да биде бесплатен

Европската организација за заштита на потрошувачи се повикува на пресудата на Европскиот суд од 2014 година. Според оваа пресуда, не може да се наплаќа дополнителна такса за рачен багаж сè додека тој ги исполнува „разумните барања“ во однос на големината и тежината. Каде точно се наоѓа границата помеѓу тоа што е разумна големина, а што не, досега сè уште не е регулирано во регулативите на ЕУ.

Од гледна точка на заштитниците на потрошувачите, ограничувањата што ги наметнуваат предметните авиокомпании се несоодветни и затоа се незаконски. Тие ја повикаа ЕУ да воведе попрецизни прописи: на пример, треба да се прецизира до која големина рачниот багаж се смета за соодветен и кои услуги мора нужно да ги вклучува билетот.

Планираната реформа на Регулативата за правата на патниците во воздушниот сообраќај, за која земјите-членки на ЕУ моментално дискутираат, е „совршена можност“ за ова, изјави генералниот директор на БЕУЦ, Агустин Рејна (dw)

 

Back to top button
Close