Авион на „Луфтханза“ летал без пилот 10 минути: Копилотот се онесвестил додека бил сам во кабината


Минатата година, авионот на германската компанија Луфтханза со 205 лица (199 патници и шест членови на екипажот) леташе 10 минути без пилот, откако копилотот се онесвести додека беше сам во пилотската кабина.

Ова беше објавено во нов извештај на Шпанската агенција за истрага на воздушни несреќи (CIAIAC). Имено, станува збор за летот Франкфурт – Севиља од 17 февруари 2024 година. Откако пилотот ја напуштил пилотската кабина и отишол во тоалет, копилотот се онесвестил.

Авионот продолжил да лета стабилно бидејќи бил вклучен автопилотот. Сепак, копилотот, како што е наведено во извештајот, ненамерно ги користел контролите. Покрај тоа, постои аудио снимка што потврдува дека копилотот одеднаш бил сериозно онеспособен.

Имено, од таа снимка може да се слушне дека контролорот на летање три пати се обидел да воспостави комуникација со копилотот, но тој не одговорил. Во извештајот, исто така, се истакнува дека по враќањето од тоалетот, капетанот пет пати се обидел да ја отвори пилотската кабина користејќи го вообичаениот код. Понатаму, член на екипажот се јавил во пилотската кабина преку интерфонот. Кога немало одговор, капетанот го употребил кодот за итни случаи, влегол во кабината и ја презел контролата врз авионот.

Копилотот добил прва помош од другите членови на екипажот и од лекар кој патувал како патник. Кога капетанот ја вратил контролата врз авионот, го пренасочил кон аеродромот „Адолфо Суарез“ во Мадрид. По слетувањето, копилотот бил префрлен во болница, каде што бил задржан неколку часа.

Откако се освестил, рекол дека се сеќава оти екипажот и докторот му помогнале. Истрагите открија дека тој се онесвестил поради невролошка состојба, за која не знаел дека ја има и која не била откриена за време на неговиот воздухопловно-медицински преглед. По летот за време на кој се онесвестил, неговиот лекарски сертификат бил суспендиран.

Од „Луфтханза“ за Си-Ен-Ен изјавија дека се запознаени со извештајот и дека соработуваат со шпанските институции за време на истрагата. Тие исто така тврдат дека спровеле сопствена истрага. Тие рекоа дека не се во можност да го коментираат самиот извештај.

Властите во Шпанија нагласија дека ова се ретки околности, но дека капетаните се обучени за ситуации во кои копилотот е онеспособен, што важи и за смртта на копилотот.

Тие истакнаа дека помеѓу 2019 и 2024 година, регистрирале 287 пилоти кои биле онеспособени за време на летот, објави Си-Ен-Ен.

Back to top button
Close