Авионот со претседателот на Литванија попречен од неидентификуван дрон

Воениот транспортен авион C-27J Spartan од Литванија, кој го превезуваше највисокото политичко раководство на земјата, беше принуден да остане во воздух поради неидентификуван дрон што беше забележан во близина на аеродромот, објави литванската радио-телевизија (LRT).

Во авионот беа претседателот Гитанас Науседa, првата дама Дијана Науседиене, како и литванската делегација што се враќаше од посета на Финска.

Додека авионот се приближуваше кон аеродромот во Вилнус, екипажот доби информации за присуство на дрон во близина на пистата, што го направи слетувањето небезбедно.

Авионот кружеше над предградијата на Вилнус околу половина час. Кога беше потврдено дека повеќе нема опасност, на авионот му беше дозволено да слета.

Литванската полиција и безбедносните служби работат на идентификување на дронот што го прекина воздушниот сообраќај и ветија дека ќе ја информираат јавноста штом ќе бидат достапни информации.

Сличен инцидент веќе се случил во Литванија, кој беше пријавен на 20 август. Во текот на ноќта помеѓу 19 и 20 август, воздушниот сообраќај над главниот град беше прекинат околу 30 минути и целосно обновен во 00:35 часот.

Back to top button
Close