„Јавна соба е бедна група и слично“: Или како да ги обесхрабриш жртвите да пријават насилство

Да, секако феминистките мислат дека јавна соба е бедна група, но исто така знаат дека е криминална група, а тоа е многу, многу поважно. Крајно време е и институциите да се качат на овој воз и да престанат да им даваат ветер во грб на насилниците.

Веројатно помина цела недела од веста за сексуалното насилство која допатува од Србија, внимателно оркестрирано од страна на познатиот учител по глума Мирослав Алексиќ. Пријавата за силување од Милена Радуловиќ, која беше проследена со уште 20тина пријави, а резултираше со притвор, ме потресе до коски. Истовремено, се воодушевив од храброста на девојките да ја водат оваа битка во јавноста, но не бев изненадена од појавата на групата на Фејсбук „Нисам тражила“, каде стотици сведоштва на сексуално насилство и вознемирување се споделуваат секојдневно.

Сепак, иако секојдневно ги следам разврските по прашањето во регионот и локалната (скромна) дебата на темата, ми требаше доста време да се соземам и да седнам да го пишувам овој текст. Вистината е дека, се најдов во состојба на потполна разочараност и чувство на безнадежност, поттикнато од стравот дека уште 50 години ќе дебатираме кога е „вистинско“ време за пријава на сексуално насилство (а наивната јас, мислев дека со #сегакажувам направивме барем мало поместување на темата), како треба да изгледа/се однесува една жртва, во каков однос била со предаторот и други слични спинови на насилство.

Дополнително, се чувствував обехрабрено и разочарано од фактот што мои блиски луѓе беа исто така жртви на насилство, но не можат да се одважат да го пријават истото. Моето чувство на немоќ е дополнително засилено од бројните приватни пораки кои Медуза ги добива, во најголем број од помлади девојки, кои биле жртви на сексуално насилство, најчесто од партнер, другар, фамилијарен пријател или роднина. Некои од нив имаат кажано дома, некои не, но ниедна од жртвите со кои комуницирам нема пријавено во полиција. Повеќето од нив или се плашат да пријават заради можните последици, или сметаат дека маката, траумата и можната двојна виктимизација ќе бидат залудни. Колку и да сакам да настојувам за пријавување на сексуално насилство, не ги обвинувам. Напротив, целосно ги разбирам. Институциите ни праќаат недвосмислена порака дека нашите трауми поврзани со сексуално насилство и вознемирување се наважни, непостоечки и невидливи. Затоа, воопшто не ме изненадува кога ни се обраќаат девојките со нивните искуства од овој домен, само колку да ја раскажат својата приказна и да наидат на некој од другата страна кој ќе ја уважи траумата за тоа што е, наместо да поведат правна постапка и да се изложат на уште болка и осуда.

Овие чувства на немоќ и тага, сега се заменети со чувства на сиров гнев, кој после една година повторно ми го поткопа криминалната група Јавна соба, која и покрај бројните пријави, и од индивидуалци и од организации, продолжува да цвета и уништува животи. Наспроти иницијалното внимание кое беше посветено на овој случај лани (од Бирото за јавна безбедност беше јавено дека веднаш е започната истрага за мотивите и целите на формирање на оваа група), а беа и понудени сервиси за помош на жртвите, денес ситуацијата е друга. Случајот е заглавен во Јавно обвителство, а на новите жртви во станица често им се вели дека веќе постојат и други вакви групи, и практично, нема што да се направи. Тоа не е вистина:

 

Оној кој ќе објави приватни видеа на интернет со порнографска содржина, може да одговара за кривичното дело „Злоупотреба на лични податоци” член 149 од Кривичниот законик, за кој е предвидена парична казна или казна затвор до една година. Доколку на видеата има прикажано малолетник, сторителот кој ја произвел детската порнографија со цел нејзина диструбуција, или ја пренел или ја нудел преку компјутерски систем ќе одговара за „Производство и диструбуција на детска порнографијa” член 193-а став 3 од Кривичниот законик за кој е превидена казна затвор од најмалку осум години.“

 

Секако, ова што го споделувам не е сјајно. Полнолетна жртва во ваков случај, не е само жртва на злоупотреба на лични податоци, туку е жртва на онлајн сексуално вознемирување, кое сè уште не е соодветно регулирано во Кривичниот законик. Кога зборуваме за системски заложби, ова е еден аспект на кој треба особено да се обрне внимание доколку сакаме, како општество, да ги заштитиме девојките и жените од ваков тип на насилство во иднина. Со таков проблем се соочи Ана – девојката која е една од жртвите на Јавна соба, која се обрати преку видео. Ана пријавила дека нејзина слика од Инстаграм е споделена и злоупотребена на групата, но во станица и било кажано бидејќи не е малолетна, нема што да се направи.

Во меѓувреме, го следиме случајот со Џудо тренерот, кој е обвинет за сексуално злоставување од страна на три малолетнички, членови на Џудо клубот од Прилеп, кој веројатно користел слични „учителски“ методи како Алексиќ од соседна Србија, за гаење на атмосфера во која е речиси невозможно за една жртва да истапи и пријави. Иако во овој случај имаме жртви кои навидум ќе бидат полесно „прифатени“ како жртви од јавноста (имено бидејќи се малотени), мажот на интернетот повторно ќе најде начин да ја дискредитира реалноста на преживеаната, овој пат, прашувајќи се зошто не пријавиле порано, како само на неколку од нив им се случило насилство (небаре предаторите силуваат сè што мрда), и дали можеби тие го „завеле“ својот тренер.

 

 

 

Одбраната на тренерот вели дека целата истрага се темели само врз сведочења на девојчињата, а материјални докази нема, па затоа тој не е уверен во веродостојноста на случајот. Ова е доста очекувана и стандардна одбрана за еден ваков случај, но тоа што ми прободе очи мене е „апелот“ кон јавноста од страна на адвокатот да не се избрзува со пресуди и да се почитува презумпцијата за невиност.

Ова можеби звучи здраворазумно, но не е. Да не се лажеме, живееме во систем кој одобрува и поттикнува насилство и ги заштитува предаторите, не жртвите. Истиот тој систем активно ги обесхрабрува жртвите да бараат заштита и да пријават насилство. Баш поради тоа, сведоштвата на жртвите треба и мора да се сфаќаат сериозно, а јавноста (и пред сè медиумите) да застанат недвосмислено на нивна страна, без приказни и спинови за лажно пријавување или претставување на насилниците како семејни и не знам какви луѓе, кои едноставно не би можеле да бидат предатори.

Сите овие случаи, како и овој бран на сведоштва, треба да нè научат, како општество, да ја напуштиме идејата дека сексуалните предатори се некои монструми кои се кријат во грмушки и темни сокаци, туку конечно да ја видиме и прифатиме реалноста за тоа што навистина е. Предаторите функционираат и оперираат во сите слоеви на нашиот живот. Тие може да се наши блиски луѓе, роднини, партнери, другари, работодавци, колеги, функционери, учители, тренери, и најчесто ја користат својата општествена надмоќ, за да воспостават контрола врз жртвата. Треба општествено да ја прифатиме идејата дека сексуалното насилство не е нешто што се случува некаде далеку, туку е буквално застапено во сите сегменти на нашето живеење. Конечно, треба да прифатиме дека во реалноста, совршени жртви не постојат, како што и не постојат некаков си тип на девојки „кои си го барале“ и баш затоа, од особена важност е, во недостиг на јавна поддршка, да институциите јасно застанат на нивната страна.

Додека го пишувам ова, во постапка е новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, кој во линија со Истанбулската конвеција, треба да го олесни патот до правдата на жртвите и да ги опфати сите нијанси на сексуално насилство и вознемирување кои во претходиот закон не беа застапени.

Оваа информација, од непознати причини, ме потсети на последниот Марш за женски права по повод 8 март „Ти не си виновна“, кој беше посветен на жртвите на Јавна соба. Исто така се потсетив, дека Маршот беше посетен и поздравен од пратеници и функционери, кои наводно се залагаат за женските права. Доволно време живеам, постојам и работам во оваа средина за да знам колку е долг патот од „се залагаме„ до „правиме нешто“. Но, исто така, знам дека колку е подолг тој пат, толку е полесно да се заклучи дека институциите стануваат соучесници во кривично дело. Доколку случајот Јавна соба не добие институционална разрешница (читај кривична одговорност за предаторите) час поскоро, ќе биде многу лесно да се дојде до заклучок дека МВР и Јавно обвинителство одбиваат да ги заштитат жените од насилство.

До тој заклучок очигледно веќе стигнале илјадниците членови на јавните соби, кои под закрила на институциите кои спијат, продолжуваат да се разменуваат со наши фотографии како сликички и да стимулираат хајки против девојките кои ги пријавуваат, или феминистиките според кои „јавна соба е бедна група и слично“. Да, секако феминистките мислат дека јавна соба е бедна група, но исто така знаат дека е криминална група, а тоа е многу, многу поважно. Крајно време е и институциите да се качат на овој воз и да престанат да им даваат ветер во грб на насилниците. Тие се на потег.

 

 

Калиа Димитрова

Извор: Медуза

Back to top button
Close