Јавнете го бранот
Јавнете го бранот, му вели британскиот премиер Џон Мејџор на македонскиот претседател Киро Глигоров на сребата во Даунинг стрит 10 на почетокот од нашата независност. Британија, имено, имаше предлог за наш прием во ОН и беше спремна да стои зад него. Бранот требаше да се јавне зашто кога ќе се повлече Македонија, како и секоја друга мала земја, ќе остане на суво, заборавена. Ретки се моментите кога една голема сила е спремна да го стави својот кредибилите на проба во спор на мала балканска држава, па правилото е малата држава да го зграпчи моментот. Тогаш, не го јавнавме бранот и тој помина. Останавме на суво, заборавени од сите. Билатералниот спор со Грција се влечкаше безмалку триесет години до моментот додека една друга голема сила, Америка, не предизвика нов бран. Го јавнавме тој бран и спорот беше решен. Се потпиша Преспанскиот договор.
Бранот за решение на македонско бугарскиот спор се крена релативно рано за балкански стандарди. После нешто повеќе од две години. Бугарските националисти, како впрочем и македонските, сметаат дека планот на францускиот претседател Макрон не е добар за нивната земја, но државата Бугарија едноставно не може да и каже „не“ на водечката европска сила од која зависи Европа. Ќе може ли тоа да го стори Македонија? Иако„не е готово додека не биде готово“, гласовите на опозициската партија на Борисов се доволни бугарскиот парламент да ја ревидира својата резолуција прифаќајќи го француското решение. Тогаш на нашта држава, конечно, би и се отвориле вратите кон членство во ЕУ. Но, има многу непознаници околу разврската на македонската политичка сцена. Деновиве, јавноста е под влијание на серија негативни оценки за францускиот предлог искажани од луѓе кои мислат дека во меѓународната политика еден и еден се секогаш два. Поддржани со средства од европски фондови и вооружени со факти наведени во европски документи, млади директори на македонски невладини организации не се во состојба да направат разлика меѓу светот каков што е и оној каков што тие сакаат да биде.За доброто на Македонија, се разбира. Исто онака како што, за доброто на Македонија изгубивме триесет години во спор во кој докажувавме дека сме антички Македонци и дека сме во право за се. Истата „грчка“ приказна ја повторуваат и политичките партии кои сакат одново да капитализираат на патриотизмот на гласачот во битката за власт. Во меѓувреме, и претседателот ја искомплицира ситуацијата дома изјаснувајќи се против предлогот на својот француски колега кој, ако пропадне, нема да сака очи да му види до крајот на мандатот.
Заробеници на неумерениот збор, ќе имаме сериозен проблем како да му објасниме на народот дека договорот влече напред кон членство во ЕУ и дека треба храбро да го јавнеме бранот. Нема да биде лесно зашто политичарите и интелигенцијата секојдневно го убедуваат народот дека ние немаме никаков проблем со никого. Дека се што не снајде како држава од независноста до денес е нешто „ирационално“. Не знаат дека да го сфатиш ирационалното во политиката, значи и да ја разбереш. Да беше само рационалното, тогаш и баба ми ќе можеше да води држава, би рекле децата од моето маало.
Денко Малески