Јавни соби

Нашите јавни соби во културата, во образованието, во науката, во здравството… се еднакво страшни, вулгарни, деструктивни, како и онаа на тој „Телеграм“ или каде и да беше. Таму, за жал, жртви беа млади девојки, ама во другиве сме жртви сите, без оглед на возраст, пол, етничка припадност, вероисповест… Во овие државно-јавни соби не’ резилат, не’ манипулираат, не’ лажат и не’ соголуваат сите до еден, не само нас денес и овде туку и идните генерации, само ако не сме нивни истомисленици, ако не сме дел од нивното партиско племе, ако не им аплаудираме на сите грозотии и глупости што ги произведуваат. И сакаат пошто-пото да не’ задржат токму во нивната јавна соба, да бидеме само нивни заложници, соучесници во нивниот опоен „мирис“ на лагата, на злоупотребата, на девијацијата… Наместо општество за сите, стануваме јавна соба за сите!

Во тој контекст можеби воопшто и не е битно што оние остатоци од злосторничкото здружение кои уште глумат партија си се разголуваат целосно во нивната „јавна соба“ викана Комисија за култура. Не е битно кога тоа не би ги допирало и другите, оние кои помалку ја познаваат проблематиката, оние кои нема да посегнат да го читат нивниот Закон за култура, а никој, дури и да посака, не може да ја прочита ниту верзијата на предлогот на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата. Тој текст е едноставно ИЗБРИШАН од веб страницата на Министерството за (фис)култура. Наместо тие да бидат првите што ќе одговорат на она ширење лажни вести и клевети од страна на Комисијата на злосторничкото здружение, тие го бришат новиот закон од нивната страница! Да те бог сачува од некадарни а умислени и самобендисани персони!!!

Како и да е’, зошто вемерото така гласно ја соблазнува и лаже јавноста, баш како во „јавна соба“? Тие си ги знаат мотивите, ако воопшто нешто знае таа збирштина од партиски абоненти напикана во културата, но нивната лага не само што има магарешки уши туку има и магарешки опаш. Зашто, ако некој ги понижуваше институциите во културата, ако некој ги репресираше уметниците и културните работници кои не беа членови или симпатизери на нивната „јавна соба“, тоа беше нивната криминална банда маскирана како политичка партија. И ако некој, како што блефира нивниот Љутков, инсистираше на закони „(…) со намера да се уништи се’ што е во културата“, ако некој ја сотре „(…) националната култура да не може веќе да функционира“[1], а со цел од неа да направат јавна соба, тоа повторно беше таа злосторничка групација. И сето тоа е лесно да се документира, ама и тие играат на картата на неписменоста и мрзливоста на народот, особено кога е во прашање културата. А молчењево на другиве – особено на министерката! – само им оди во прилог. Како да оние во Министерството за фискултура добиваат толкави плати за да – молчат!?

Како и да е’, еве што вели сегашниот Закон за културата во однос на изборот на директори во националните установи (чл. 29): „(3) За директор на националната установа од членот 28 став (1) од овој закон може да биде избрано лице кое ги исполнува следните услови: 1) е државјанин на Република Македонија; 2) во моментот на избирањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција, забрана за вршење на професија, дејност или должност; 3) има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен високо образование утврдено со статутот на установата; 4) има минимум пет години работен стаж во областа на културата или пет години работно искуство на работи или проекти во областа на културата врз основа на склучени договори за дело; 5) има еден од следните меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години (…)“. Е па токму според овој „закон“, секој, па и каратистот на Љутков, може да биде директор на национална установа во културата. Како што истиот член беше искористен и при „изборот“ на фискултурецот во Центарот за култура во Струмица! Ама по „законот“ на криминалното здружение, којшто тие го амендираа 11 (и со букви: единаесет пати!), само за да го прилагодат на своите полуписмени абоненти. Токму ова е таа јавна соба во културата наследена од нивното време, во којашто се „расоблекуваа“ сите до еден, почнувајќи од пуфлата па надолу, до денес. Нивниот стокмен „закон“ им го измери умот токму на сите. Ама и нам, сега и овде, со премолчена согласност на оние кои се платени да не молчат.

И за да нема дилеми барем кај оние малкумина заинтересирани за културата, еве што предвидува новиот предлог закон за остварување на јавниот интерес во културата, во делот за избор на директор на национална установа (чл. 26): „(5) За директор на националната установа може да биде избрано лице кое ги исполнува следните општи услови: 1. е државјанин на Република Северна Македонија; 2. во моментот на избирањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција, забрана за вршење на професија, дејност или должност; 3. има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен соодветно високо образование утврдено со статутот на установата; 4. има високи стручни познавања од соодветната област, најмалку 5 години работно искуство во дејноста за која конкурира или повеќегодишно искуство на работи и проекти каде имал раководна или друга носечка улога, што се докажува со биографија, препораки, рецензии, евидентирани проекти, договори и друго; 5. поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англиски јазик: (…)“. Дали е јасна разликата, г-дин претседател на Комисија? Онаа помеѓу (само) „високо образование“ и „има високи стручни познавања од соодветната област, најмалку 5 години работно искуство во дејноста за која конкурира или повеќегодишно искуство на работи и проекти каде имал раководна или друга носечка улога, што се докажува со биографија, препораки, рецензии, евидентирани проекти, договори и друго“?! И каде попрво ќе помине каратистот, па и фискултурецот, во стариот или во новиот закон?

П.С.

Зошто ниту еден македонски медиум – за Министерството за фискултура да не правиме муабет – не го коментира пишувањето на Koha за оној еден милион евра? (https://www.koha.mk/mbi-1-milion-euro-mund-te-jene-abuzuar/?fbclid=IwAR1FJ7lfarjeAp8pGuoVYPs2D2YFpcUjZ_hBiSyoXe4wqMrj4Ldc_LMVPOQ)

И зошто никој не објавува дека „легендарниот“ ни Милчо национале пак крахираше во трката за Оскар?


[1] Актерот Љутков тврди дека СДСМ ќе ја уништи културата: И каратист ќе стават за директор, Плусинфо, 17.02.2021

Златко Теодосиевски

Извор

Back to top button
Close