Јавниот сектор од денеска во штрајк – ќе работат само 10 отсто од вработените

Вработените во војската, полицијата, образованието, здравството, комуналните претпријатија, општините, управата, администрацијата од денеска стапуваат во генерален штрајк, откако барањата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за линеарно покачување на платите во јавниот сектор за 2 806 денари не беше исполнето.

Дури ни вчерашната средба на ССМ со владините претставници по однос на барањата на Синдикатот не вроди со плод, а лидерот на ССМ, Дарко Димовски во таа насока истакна оти е разочаран од преговорите кои се воделе во последен момент.

Освен тоа што ќе штајкуваат со прекин на работниот процес на своите работни места во работното време, вработените од јавниот сектор од 10 до 11 часот и видливо ќе застанат и надвор пред просториите на работодавачот.

Сепак, согласно правилата за време на генерален штрајк, од ССМ појаснуваат дека ќе биде обезбеден расположлив капацитет од 10 отсто од вработените во јавниот сектор.

Оваа одлука на Сојузот на синдикати следува откако тие до Комисијата за финансирање и буџет каде се расправа за ребалансот на Буџетот за 2022 година, поднесоа амандман со кој бараат линеарно покачување на платите во јавниот сектор и враќање на правото за регрес за годишен одмор од 2023 година, но иститот не беше усвоен од пратениците.

По вчерашната средба што ја имаше со ССМ, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, истакна дека тие се согласни оти треба да има линеарно покажување на платите во јавниот сектор, но остануваат на ставот дека тоа треба да се направи со усвојување на методологија, а не со едностран акт.

На прашањето зошто оваа средба се одржува непосредно пред одржувањето на штрајкот, а не порано, вицепремиерот истакна дека тие ја побарале средбата пред десет денови, а оти одлуката за одбор на помирувачи од страната на Владата била донесена пред седум дена.

Највисоките тела на Сојузот на синдикати на Македонија на 3 јуни донесоа одлука за генерален штрајк за 22 јуни, ако дотогаш не бидат исполнети нивните барања

Back to top button
Close