Јавно обраќање на здружените македонски филмски фестивали за финансиска поддршка од Агенцијата за филм
Повеќето филмски фестивали и филмски манифестации од меѓународен карактер и по шест месеци од доделената поддршка на конкурсот од Агенцијата за филм, немаат потпишано договори, ниту пак добиено финансиски средства за нивно одржување. Агенцијата за филм има донесено одлуки и ја исплатила финансиската поддршка замо за неколку фестивали и манифестации, додека останатите фестивали немаат официјален одговор и покрај многуте дописи, доставени адаптирани програми и буџети согласно ситуацијата со ковид кризата на барање на Агенцијата уште во мај и јуни годинава.
Најновата неофицијална информација е дека на в.д. директорот на Aгенцијата за филм му е истечен мандатот на почетокот на август и поради тоа не може да потпишува договори, иако званично не е разрешен од таа функција.
Долунаведените филмски фестивали се обраќаат на јавноста да ја информираат за проблематичната состојба со фестивалите во нашата земја и јавно да побараат властите да назначат нов в.д. Директор или да се продолжи мандатот на постоечкиот директор како би можеле да се потпишат договорите. Бидејќи се одолговлекува формирањето на новата влада, молиме управниот одбор на кој не му истекол мандатот, да го овласти директорот да може да потпишува договори и да врши исплата на средства, односно да не биде запрено функционирањето на Агенцијата за филм како институција и да се овозможи нормална реализација на веќе одобрените проекти.
Образложение
Со оглед на тоа што повеќето домашни филмски фестивали и филмски манифестации од меѓународен карактер, поддржани од Агенцијата за филм на Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност за 2020 г. (Одлука на УО од 20.02.2020 г.), и после шест месеци немаат потпишано договори, дури и по повторното доставување адаптирани програми и буџети согласно новонастанатата ситуација со ковид кризата по барање на Агенцијата испратени до фестивалите на 7 мај и 10 јуни, здружените македонски филмски фестивали, во долунаведениот состав, и се обраќаат на македонската јавност во врска со неизвесноста за добивање на одобрената финансиска поддршка. Од Агенцијата за филм како одговорна институција на повеќето дописи од страна на фестивалите нема официјален одговор, ниту став или стратегија за културната политика со фестивалите кои се ставени во неизвесност, иако датумите за одржување на голем број и од есенските фестивали се многу блиску.
Со објавувањето на резултатите од Конкурсот и одобрената поддршка сите поддржани филмски фестивали и манифестации влегоа во сериозна подготовка за реализација на своите програми. Со појавување на ковид кризата и прогласувањето на вонредна состојба во земјата, сите процеси во Агенцијата за филм беа ставени во застој, а пролетните филмски фестивали ги одложија датумите за одржување или организираа онлајн програма. И покрај тоа, за филмските продукции беа изнајдени итни мерки и решенија со предвремени исплати за да се помогнат филмските работници – одлуки кои сесрдно ги поздравуваме и сметаме дека се неопходни за помош, поддршка и заздравување на секторот во целина.
Во меѓувреме од страна на фестивалите и фестивалските работници беа понудени бројни алтернативи по примерот на фестивали низ целиот свет (онлајн изданија, фестивали на отворено, хибридни фестивали итн.) Сепак прашањето за филмските фестивали и по шест месеци сеуште останува нерешено, а од Агенцијата за филм нема официјален одговор на барањата и дописите на фестивалите.
Сакаме да ја информираме јавноста дека, на два наврати, по иницијатива на фестивалите, се оствари средба (Вебинар на Филозофскиот Филмски Фестивал на 27 мај, јавно достапен, и официјален онлајн состанок со Агенцијата за филм на 19 јуни). На состанокот во јуни беше наведено од претставник на Агенцијата дека прашањето со фестивалите ќе биде решено и дека одобрените проекти за оваа година ќе може да се реализираат и да се пристапи, со завршувањето на вонредната состојба во јуни, кон конечно потпишување на договорите. Од сите фестивали со дописот бр.08-900/6 од 10.06.2020г. беше побарано дополнување на документацијата со нова адаптација на програмите и буџетите, уредно доставени од фестивалите во наведениот рок, по што повеќето фестивали сеуште немаат добиено официјален одговор. Агенцијата за филм донела одлука (со кратење на доделените финансиски средства) за два фестивали кои се одржаа во јули и август и за два фестивали кои ќе се одржат во септември. Нејасно е зошто од страна на Агенцијата за филм се прават изолирани и селективни одлуки само за некои фестивали, а останатите фестивали се ставаат во неизвесна положба со што се поткопува сериозноста на организирањето на фестивали со интернационален карактер. Со ова се доведува во прашање и довербата на меѓународните партнери и финансиери чија одлука за финансиска поддршка е базирана на веќе одобрена финансиска поддршка од Агенцијата за филм (одлуката бр. 02-323/3 од февруари). Поради тоа е нејасна потребата повторно да се одлучува, и да се кратат средства на само две недели пред одржувањето на фестивалите, без соодветно информирање на фестивалите и на јавноста поради недостигот на отворена и транспарентна комуникација.
Недоделувањето на средствата за фестивалот МакеДокс, на само десетина денови пред фестивалот, резултат на административен пропуст, кој во изминатите седум месеци и покрај заложбите на директорот, администрацијата и членови на Управниот одбор на Агенцијата, дел од Управниот одбор одбива да го разгледа и да изнајде решение, се одолговлекува седум месеци и го става во ризик меѓународно најетаблираниот македонски фестивал за документарни филмови кој е единствен фестивал од нашата земја кој е подржан и од програмата на Европската Унија МЕДИА. Ние, долупотпишаните фестивали сакаме едногласно да изразиме поддршка за нашите колеги и да и ја предочиме на јавноста административната и организациска голгота низ која повеќето македонски фестивали, поддржани од Агенцијата, минуваат со месеци.
Низ светот, изминатите месеци бевме сведоци на бројни креативни решенија и фестивали кои се адаптираа на новонастанатите ситуации и понудија алтернативни форми за одржување и негување на филмската култура во своите заедници, меѓу кои и Локарно и Сараевскиот филмски фестивал кој само пред неколку денови се помести целосно онлајн, а исто така и македонските фестивали смогнаа и смогнуваат сили за да понудат иновативни концепти, и покрај незавидната сосотојба на културниот сектор со сето горе наведено, што само ја покажува посветеноста и љубовта со која делуваме во културата. Пример за ова се досега одржаните Филозофски филмски фестивал – прв дел од хибридното издание, Бич филм фестивал – фестивал на отворено, со почитување на ковид мерките, Флипбук минатата недела со фестивал на отворено и онлајн издание итн.
Филмските фестивали и културните работници кои работат во овој сектор придонесуваат за културниот живот во нашата земја и играат значајна улога во екосистемот на филмскиот сектор кој беше во целост нарушен со ковид кризата. Недостатокот од културни содржини во ова време на пандемија кога поголем дел од институциите во културата се затворени создава културен вакуум кој фестивалите го пополнуваат со културни содржини, посебно со онлајн изданијата фестивалите кои покрај дебати, работилници и вебинари, нудат бесплатно гледање на филмови за најшироката домашна публика оправдувајќи го нивниот влог како даночни обврзници во финансирањето на активностите на државните институции меѓу кои и на активностите финансирани преку Агенцијата за филм.
Бидејќи нашата работа е јавна, а фестивалите на кои работиме се поддржани во голема мера од јавни средства на граѓаните, бараме од Владата, Министерството за култура и Агенцијата за филм официјален јавен став за фестивалите со дефинирање на јасна, транспарентна и сеопфатна стратегија за сите фестивали како би можеле да продолжиме успешно и сериозно со нашата работа.
Ние имавме разбирање за објективната ситуација за состојбите во Агенцијата за филм, особено со оглед на ковид кризата и работата од дома, покажавме трпение и професионалност и ги испочитувавме сите барања упатени до нас изминатите шест месеци. Истото го бараме и од Агенцијата за филм сега, т.е. разбирање и за состојбата со филмските фестивали и нивните организатори, препознавање и валоризирање на трудот на фестивалските работници кои во континуитет работат професионално за фестивалите, како и јасно, транспарентно, сеопфатно и инклузивно креирање на културните политики за фестивалите во нашата земја, сега и во иднина, врз база на дијалог, размена на искуства и отворена комуникација.
Како и досега, стоиме на располагање на Агенцијата за филм, за повторно да го заживееме заеднички културниот живот во земјата, да продолжиме професионално и одговорно да го исполнуваме нашиот дел од обврските преку нашата работа и да продолжиме да ја споделуваме и шириме љубовта кон филмот со македонската публика.