Јавноста има право да знае зошто бил следен Мицкоски

Безбедносната култура во Македонија одамна е мислена именка. Ние немаме политичка култура, а камоли безбедносна. Тоа започна откако на чело на виталните безбедносни институции партиите поставуваа свои партиски војници. Тогаш партискиот интерес стана поважен од безбедносниот, а самите служби кои треба да бидат тела за заштита на државата, станаа партиски филијали.

Така и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денес „си вадат очи” на темата дали бил следен и прислушуван бившиот опозиционер а сега премиер Христијан Мицкоски. Чувствителни безбедносни информации секојдневно се тркалаат низ медиуми, а АНБ која треба да биде нивен чувар, влезе во партиски шеми и мати вода пред изборите. Притоа никој не прашува зошто, на пример, човекот кој денес има апсолутна моќ во државата, пред да дојде на оваа функција бил предмет на безбедносно набљудување. И какви анализи покажале дека поради заштита на безбедноста треба да се држи на око шефот на опозицијата односно првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ. Кога веќе безбедносни информации станаа дежурна тема во медиумите, легитимно е и прашањето зошто човекот кој денес ја има најголемата моќ во државата, бил лице од интерес на тајните служби.

 

Што донесе 2017-2020

Периодот во кој според одделните брифинзи што ги правеше АНБ со одредени медиуми, се случувала тајната операција на обработка на Мицкоски, е бездруго интересен од аспект на внатрешната безбедност. Тоа е период во кој земјата излегуваше од режимот на претходникот на Мицкоски и негов близок соработник Никола Груевски, кој по затворските пресуди избега во Будимпешта каде беше дочекан со раширени раце од домаќинот, премиерот Виктор Орбан. Орбан е познат и како човек кој е против ЕУ а Брисел го опишува како недемократ и автократ кој ја враќа својата земја назад. По доаѓањето на власт на Мицкоски стана јасно дека врските што ги негувал Груевски со Орбан, продолжиле и со неговиот наследник. Актуелниот македонски премиер не крие дека со Орбан го врзува посебно пријателство и на политичко и на лично ниво. Тоа се потврди и деновиве со приватната семејна посета на Мицкоски на унгарскиот премиер, заедничките владини седници и сл.

Освен тоа, периодот на безбедносна обработка на Мицкоски доаѓа и по познатите крвави настани на 27 април 2017 кога членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ помогнати од тогашни високи безбедносни функционери вршат напад на парламентот при што имаше обиди за линч на одредени пратеници, а идната власт на СДСМ заврши со раскрвавени лица и отворени закани за физичка ликвидација. Кривичното гонење на учесниците во овој настан доведе до длабоки тензии и партиски поделби и беше една од главните причини што Македонија не воспостави внатрешна политичка стабилност во годините што следеа.

На надворешно политички план периодот 2017-2020 беше пресвртница во повеќедецениската надворешна политика бидејќи се случија настани кои засекогаш ја променија земјата. Првиот настан е решавањето на спорот за името со Грција, а вториот е влезот на земјата во НАТО. И двата настани кои беа тесно поврзани еден со друг се одиграа со жестоко противење на ВМРО-ДПМНЕ и реално имаа потенцијал за граѓански судир особено затоа што уште не беа залечени раните на општеството од крвавиот 27 април.

 

Проруските сентименти и НАТО

Во ова навраќање на состојбите заслужуваат место и два геополитички моменти, комплетно одвоени од Македонија, но поради својата специфика можеа да имаат влијание врз тогашниот тек на настаните на домашен план. Првиот момент се граѓанските судири во Црна Гора по повод влезот во НАТО кои се закануваа да ја дестабилизираат земјата и регионот. Со оглед на сличноста на внатрешно-политичките прилики во двете земји, соседството со Србија, и анти НАТО наративот кој доминираше во кампот на ВМРО-ДПМНЕ, влезот на Македонија во НАТО, осигуран преку промената на името, претставуваше ризик за безбедноста со оглед дека десничарската опозиција на чие чело беше ВМРО-ДПМНЕ настапуваше со воинствени пораки. Да се потсетиме на заканите кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за Преспанскиот договор и како им беше загрозена личната безбедност од нивните сопартијци.

Вториот момент е руската инвазија на Украина и проруските сентименти меѓу членството и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ која иако започна во 2022, претходно поради тензиите меѓу Москва и Киев поддржан од Западот веќе ги имаше сензибилизирано овдешните проруски кругови каде припаѓа најголемиот дел од политичката десница во Македонија.

Да се вратиме на сегашноста. Доколку властите имаат намера случајот навистина да го расчистат можеби јавноста и ќе дознае зошто безбедносните служби се занимавале со Мицкоски. Стручната јавност ја интересира и дали оперативните мерки биле покриени со законски процедури или биле неформални. Но со оглед дека се спомнуваат класифицирани документи логично е да заклучиме дека била применета процедура. Само така можела да остане трага со која денес мафта партијата.

Од друга страна, примената на процедурата при евентуалното следење или прислушување ќе ја отежни кривично-правната постапка, бидејќи значи дека нема повреда на законот. Во тој случај може да се извалкаат и службите но и нивниот „таргет“ односно актуелниот премиер. Ние може дo недоглед да дебатираме дали требало или не требало АНБ да се занимава со опозицискиот челник. Toa е процена на безбедносните служби. Но сега фактите се во рацете на власта и јавноста очекува да ги слушне. (Dw)

Соња Крамарска

Back to top button
Close