Јавното обвинителство ќе постапува за увозот на мазут ако утврди елементи на кривично дело

Jавното обвинителство ги следи сите настани, случувања и согласно своите надлежности постапува и ќе постапува во сите случаи каде постои сомнение дека е сторено кривично дело, односно каде што ќе утврди постоење на елементи на сторени кривични дела, велат од оваа институција на прашања од „360 степени“ , дали Обвинителството имало сознанија и дали ќе отвори предмет за увозот и употребата на токсично масло кое како мазут се користело од државни институции и приватни компании.

Од Обвинителството ги повикуваат и другите надлежни органи во рамки на своите надлежности да  поднесат пријава во обвинителството или МВР ако утврдат постоење на сомнение дека се сторени кривични дела.

Владата, пак, вчера одлучи дека треба да се направат брзи и темелни проверки на информациите објавени во истражувањето на ИРЛ и ги задолжи Државните инспекторати за животна средина, Пазарната инспекција и Царинската управа да направат вонредни контроли и да реферираат пред Владата во рок од 14 денa

Според документарецот на Истражувачката репортерска мрежа (ИРЛ), токсичното масло во земјава го увезла кичевската компанија „Евротим“. Потеклото е од чешката „Унипетрол“, а посредник во приказната е „Хифа оил“ од Босна и Херцеговина. Проблемот е што производот ја напуштал Чешка како „residual“, односно масло со лош квалитет кое во ЕУ е забрането да се гори во урбани средини, а во земјава влегувало како „мазут“. Според ставот на Државниот пазарен инспекторат, праксата поминала незабележана бидејќи, според домашната легислатива, тие го проверуваат само количеството на сулфур при увоз, кој пак најчесто бил во дозволени количини

Back to top button
Close