Јавното обвинителство и МВР објавија детали: Тот бил претепан од три лица

Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи и официјално потврдија дека ракометарот на Бутел, Денис Тот починал како последица на физички напад од три лица, од кои двајца се веќе приведени, а по третото се трага, односно е во бегство

Денеска во раните утрински часови на Институтот за судска медицина и геонтологија била извршена обдукција врз телото на хрватскиот ракометар. Според наодите, иако тој немал видливи повреди, смртта била насилна и настанала како последица на повреди на мозокот.

 

„Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

 

Од Министерството за внатрешни работи велат дека се обезбедени видео-снимки од безбедносните камери „Сејф сити“, како и од ноќниот клуб. Направени се службени разговори со повеќе лица меѓу кои и двајцата осомничени К.Л. (19) и А.К. (22) сите од Скопје. Третото осомничено лице А.Ѓ. (28) исто така од Скопје засега е недостапен за органите на прогонот. Бил извршен претрес во неговиот дом и по него е распишан централен запис

 

 

Back to top button
Close