Јавното обвинителство потврди дека е запрена истрагата за Бујар Османи во „Пациент“

Јавното обвинителство потврди дека истрагата за предметот „Пациент“ против вицепремиерот Бујар Османи е затворена.

„Истрагата за предметот ’Пациент‘ е затворена. Повеќе детали Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе сподели утре“, велат од јавното обвинителство.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за „360 степени“ велат дека е донесена наредба за запирање на истрагата само за Бујар Османи.

Ова би значело дека за останатите 14 лица кои се опфатени во предметот, постапката продолжува.

Истрагата „Пациент“ ја отвори СЈО, а по оставката на Катица Јанева, овој и сите останати предмети ги преземаа редовните обвинителства. „Пациент“ се однесува на злоупотреба на службената положба и овластувања во врска со тендери за градежни и градежно-занаетчиски работи во повеќе јавни здравствени установи во периодот кога Османи беше министер за здравство.

Веста дека е запрена истрагата против вицепремиерот, прв ја објави самиот Османи на социјалните мрежи.

„Вистината конечно стигна до правдата! Сите шпекулации и лажни обвинувања кон мене во случајот „Пациент“ завршија. Онака како што постојано тврдев, по разгледување на сите приложени докази, Јавното обвинителство ја заклучи истражната постапка и оцени дека нема ништо незаконско во моето работење. Сакам да им се заблагодарам на моите најблиски, на мојата фамилија, на моите пријатели за довербата која ја имаа низ целиот овој период. Благодарност и за моите колеги, моите соработници за внимателноста и трпението со кое ми оставија и простор и време за да ја докажам мојата правда и мојата правичност“, напиша Османи на ФБ

Back to top button
Close