Австралија ќе го класифицира целиот Хамас како терористичка организација

 Австралиската Влада ќе го класифицира „цел Хамас“ како терористичка организација, изјави денеска министерката за внатрешни работи Карен Ендрјус, јави ДПА.

Според неа, премиерот Скот Морисон планира да го вброи исламистичкиот Хамас, кој управува со Појасот Газа, како терористичка организација во кривичниот законик.

– Владата на Морисон има нула толеранција кон насилство, затоа ќе продолжи да се фокусира на заштита на Австралијците од тероризам и насилен екстремизам, истакна Ендрјус.

Владата во Канбера ги наведе и Хајат Тахрир ал-Шам, поранешен официјален сириски огранок на Ал-Каеда, тврдокорниот огранок на Ал-Каеда – Хурас ал-Дин, како и расистичката насилна екстремистичка група Национал-социјалистички поредок, со седиште во САД, наведува ДПА.

Повторно се наведени и групата Абу Сајаф, Ал-Каеда, Ал-Каеда во исламскиот Магреб и Исламската држава и Џемаа Исламија.

– Погледите на Хамас и насилните екстремистички групи наведени денеска се навистина вознемирувачки, во Австралија нема место за нивните идеологии полни со омраза, додаде Ендрјус.

Според совет од релевантни владини агенции, како што министерката појасни, таа е задоволна што организациите ги исполнуваат критериумите да се наведат како терористички организации во кривичниот законик.

Канбера како терористика организација во 2003 година го наведе военото крило на Хамас, бригадите Касам.

Хамас ја презеде власта во Појасот Газа во 2007 година. Израел, Европската унија, како и Соединетите Американски Држави, го класифицираат Хамас како терористичка организација.

Back to top button
Close