Австралија го протера иранскиот амбасадор поради антисемитски напади во Сиднеј и Мелбурн

Премиерот на земјата Ентони Албанезе изјави дека австралиската безбедносно-разузнавачка агенција собрала доволно веродостојни разузнавачки информации дека Иран „режирал“ најмалку два од нападите во кои беа опожарени објекти на еврејската заедница во Австралија

 EPA/LUKAS COCH AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Австралија денеска го обвини Иран дека стои зад најмалку два пожари во Сиднеј и Мелбурн организирани и предизвикани од антисемитски побуди и му даде седум дена на амбасадорот на Техеран да ја напушти земјата, пренесуваат светските медиуми.

Станува збор за прво протерување на амбасадор од Австралија по Втората светска војна.

Според наводите на тамошните власти, од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа во октомври 2023 година австралиските домови, училишта, синагоги и возила биле цел на антисемитски случаи на вандализам и намерно предизвикани пожари.

Премиерот на земјата Ентони Албанезе изјави дека австралиската безбедносно-разузнавачка агенција собрала доволно веродостојни разузнавачки информации дека Иран „режирал“ најмалку два од нападите во кои беа опожарени објекти на еврејската заедница во Австралија.

„Тоа беа вонредни и опасни акти на агресија оркестрирани од странска нација на австралиска почва. Ова беа обиди за поткопување на социјалната кохезија и сеење раздор во нашата заедница… Иран се обиде да го прикрие своето учество во минатогодишните напади врз кошер-ресторан во Сиднеј и синагогата ‘Адас Израел’ во Мелбурн“,рече австралискиот премиер на прес-конференција.

Албанезе, исто така, информира дека Австралија ја суспендирала работата на своето дипломатско претставништво во Техеран и дека сите нејзини дипломати се наоѓаат на безбедно во трети земји.

Дополнително, тој најави дека неговата влада ќе ја означи Исламската револуционерна гарда како терористичка организација.

Инаку, како што потсетува „Гардијан“, Исламската револуционерна гарда, формирана по револуцијата во Иран во 1979 година, веќе е прогласена за терористичка организација и од други земји меѓу кои Соединетите Американски Држави (САД), Канада, Шведска, Бахреин и Саудиска Арабија.

Во врска со одлуката на австралиските власти говореше и министерката за надворешни работи на земјата, Пени Вонг, која изјави дека амбасадор Ахмад Садеги и уште тројца ирански функционери имаат седум дена да ја напуштат земјата, што е прво протерување на амбасадор од Австралија по Втората светска војна.

Во меѓувреме, амбасадата на Израел во Австралија ја поздрави одлуката на властите во земјата за протерување на амбасадорот на нивниот голем ривал наведувајќи дека режимот во Техеран е закана не само за Евреите, туку за целиот свет.

„Иранскиот режим не е само закана за Евреите или Израел, туку се заканува на целиот слободен свет, вклучително и Австралија“ се вели во соопштението на израелската амбасада.

За потсетување, Израел и Иран во јуни водеа 12-дневна војна, претежно преку воздушни напади, откако Израел започна напади врз иранските нуклеарни постројки.

Инаку, проценките велат дека во Австралија живеат околу 90 000 луѓе со потекло од Иран.

Одлуката на австралиската власти доаѓа откако двајца мажи беа обвинети за нападот во декември во кој беше запалена синагога во предградието на Рипонли, изградена во 1960-тите години од преживеани во Холокаустот за време на Втората светска војна.

Минатата недела полицијата во југоисточната држава Викторија соопшти дека ги испитува електронските уреди запленети при претрес на домот на еден од мажите, кој утре треба да се појави пред суд.

Според полицијата, три лица провалиле во синагогата и го предизвикале пожарот.

Исто така, во пожар беше уништен кошер ресторанот „Луис континентал кичен“ во Бонди, а како што објавија локалните медиуми лицето уапсено за нападот имало врски со добро позната австралиска банда мотоциклисти.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close