Австралија го забранува и Јутјуб за деца под 16 години
Австралија планира да ја прошири најавената забрана за социјални медиуми за деца и млади под 16 години и на видео платформата Јутјуб. Владата на премиерот Ентони Албанезе „им дава на децата простор за дишење од убедливото и сѐприсутно влијание на социјалните медиуми, а истовремено им дава на родителите чувство на безбедност“, рече австралиската министерка за комуникации Аника Велс, објаснувајќи:

„Сакаме децата да знаат кои се, пред платформите да се обидат да откријат кои се тие“, рече Велс. „Има место за социјалните медиуми, но нема место за разбојнички алгоритми што ги таргетираат децата“.
Минатата година, Австралија објави дека подготвува закони што ќе им забранат на децата под 16 години пристап до социјални мрежи како што се Фејсбук, ТикТок и Инстаграм.
Меѓутоа, владата претходно навести дека видео платформата Јутјуб ќе биде ослободена од регулативата поради нејзината широка употреба во училишната настава.
Портпаролот на Јутјубја оцени најавата на австралиската влада во средата како изненадувачки пресврт. „Нашиот став останува јасен: YouTube е видео платформа со библиотека со бесплатна, висококвалитетна содржина што сè повеќе се гледа на телевизиските екрани. Тоа не е социјална мрежа”, истакна тој.
Но, забраната очигледно се однесува само на користењето на сопствена сметка, како што објавија БиБиСи и други медиуми: на лицата под 16 години сè уште ќе им биде дозволено да гледаат видеа, но повеќе нема да им биде дозволено да имаат сопствена Јутјуб сметка, која е потребна за самостојно да се прикачува содржина или да се комуницира на платформата. Понатаму, построго надгледуваната апликација YouTube Kids ќе биде ослободена од забраната, објави Гардијан. Според извештајот, забраната треба да стапи на сила во декември.