Австралија нема однапред да ги подготвува своите трупи за каков било конфликт

Австралија нема однапред да ги подготвува своите трупи за каков било конфликт, изјави денеска австралискиот министер за одбрана Пат Конрој, одговарајќи на наводите дека Пентагон побарал од Австралија да појасни каква улога би имала во случај на војна меѓу САД и Кина поради Тајван.

– Австралија дава приоритет на својот суверенитет и не расправа за хипотетички ситуации. Одлуката за ангажирање на австралиски трупи во конфликт нашата влада ќе ја донесе во моментот кога тоа ќе биде потребно, а не однапред, рече Конрој во интервју за Австралиската радиодифузна корпорација.

Весникот „Фајненшл тајмс“ (Financial Times) вчера пренесе дека Елбриџ Колби, заменик американски секретар за одбрана задолжен за политички прашања, вршел притисок врз австралиските и јапонските власти да се изјаснат за тоа што би направиле во случај на конфликт меѓу САД и Кина околу Тајван.

Back to top button
Close