Австралијката нападната од ајкула, по една недела, накусо се разбуди од индуцираната кома
Жителката на Сиднеј која беше нападната од ајкула додека пливаше на плажа близу градот пред повеќе од 10-ина дена, накратко се разбуди од индуцирана кома, соопшти нејзиното семејство.

Лија Стјуарт, мајка која е среде четвртото десетлетие од својот живот, беше нападната на 13 јуни, близу брегот на плажата Куги, по што претрпе сериозни повреди. Повеќекратните каснувања по рацете и нозете ѝ причинија загуба на крв, па таа, во критична состојба, беше итно префрлена в болница, каде што беше подложена на низа операции. Ѝ била извршена и ампутација на раката.
Нејзиниот брат Џошуа Стјуарт во вторник изјави дека лекарите ѝ ги намалиле лековите за накратко да ја разбудат, за да ги поздрави него, нејзината мајка и партнерот, кои биле покрај нејзиниот кревет.
„Се случи многу побрзо отколку што очекуваше секој. Тоа е чудо за нас и исполнување на сè за што се надевавме и се молевме во текот на изминатата недела“ – објави Џошуа во поддршка за својата сестра. – „Таа има долг пат пред себе и нејзината состојба останува критична, но ова е многу позитивен прв чекор што ни дава надеж за нејзиното долгорочно закрепнување“, додаде тој.
Лија Стјуарт, која инаку, работи како наставничка, таа сабота наутро отишла на пливање кај околната плажа, кога и се случил нападот.
Австралија е погодена од серија напади од ајкули оваа година. Во јануари имаше четири напади за само два дена, вклучувајќи и еден врз момче на плажа во Сиднеј, кое подоцна почина од повредите. Минатиот месец имаше два смртоносни напади. Во Квинсленд, ајкула уби маж при подводен риболов, а во Западна Австралија, 38-годишниот татко на две деца Стивен Матабони почина откако беше каснат од ајкула долга четири метри.






