Австралиски медиуми казнети со 1,1 милион долари поради случајот на кардиналот Пел

– Австралискиот суд донесе одлука дека дванаесет медиумски компании мора да платат казна од вкупно 1,1 милион австралиски долари за објавување делови од обвинението против поранешниот благајник на Ватикан, Џорџ Пел, за сексуално злоставување деца.
Кардиналот Пел, поранешен благајник во Ватикан и поранешен советник на папата Франциск, беше осуден од поротата во декември 2018 година за сексуално злоставување на две момчиња во катедралата во Мелбурн во 1996 година. Австралискиот висок суд едногласно ја поништи таа пресуда во април минатата година.

На медиумите им беше забрането да известуваат за судењето и пресудата од 2018 година, за да не влијае на второто судење, кое подоцна беше отфрлено.

Сепак, некои австралиски медиуми пишуваа за случајот, а 12 медиуми и 18 новинари се најдоа на обвинителна клупа на крајот на минатата година.

Судијата на Високиот суд во Викторија, Џон Диксон донесе пресуда со која се утврдува дека медиумите „ја загрозиле наредбата за забрана со минимизирање на нејзиното значење или ефективност со тоа што известувале спротивно на нејзините одредби“.

Пред да биде поништена пресудата против него, Пел помина повеќе од една година во затвор како највисок функционер на Католичката црква затворен под обвинение за сексуално злоставување деца.

Судијата Диксон рече дека не ја прифаќа одбраната на медиумите дека тие ја прекршиле забраната со искрено верување дека нивниот начин на известување не е во спротивност со одредбите на таа забрана.

Back to top button
Close