Австрија: Опозицијата бара оставка од Курц, дел од власта се сомнева во него

 Зелените, кои се дел од владејачката коалиција заедно со Австриската народна партија, ја доведоа во прашање способноста на канцеларот Себастијан Курц да ја извршува функцијата шеф на владата во момент на истрага од обвинителството, објави Дојче веле.

Обвинувањата за корупција упатени до австрискиот канцелар Себастијан Курц доведоа до сериозни поделби во владејачката коалиција, која ја вклучува конзервативната Австриска народна партија на Курц и Зелените.

– Не можеме да преминеме на агендата. Во овие услови способноста на федералниот канцелар е доведена во прашање, изјави лидерот на Зелените, вицеканцеларот Вернер Коглер.

Претходно, австриското обвинителство за борба против корупција (WKStA) потврди дека води истрага против Курц и уште девет лица осомничени за проневера, поткуп и корупција. Според истрагата, во периодот од 2016 до 2018 година австриското Министерство за финансии користело буџетски средства за финансирање на реклами во еден од австриските весници во замена за објавување анкети на јавното мислење, во корист за партијата на Курц. Се претпоставува дека тоа било дел од планот што му овозможил на Курц прво да дојде на власт во својата партија, а потоа да ја преземе функцијата федерален канцелар.

Курц ги негираше обвинувањата и изјави дека не планира да се повлече. Тој е убеден дека сомнежите на обвинителството нема да бидат потврдени.

Коглер истакна дека Зелените имаат намера да разговараат со сите парламентарни партии, како и со австрискиот претседател Александар Ван дер Белен.

Опозициските партии во парламентот Социјалдемократската партија на Австрија (СПА), либералната Нова Австрија и популистичката Партија на слободата на Австрија (АПС) вчера побараа оставка од Курц како премиер.

Back to top button
Close