Австрија свечено ги испрати фудбалерите на ЕУРО2020

– Државниот врв на Австрија свечено го испрати националниот тим на претстојното ЕУРО2020 на кое прв противник во рамки на групата Д ќе им биде македонската фудбалска репрезентација, на 13 јуни во Букурешт.

Шефот на австриската држава Александер ван дер Белен им посака на репрезентативците многу успех на Европското првенство, истакнувајќи во својот говор дека Австрија би можела да биде изненадувањето на ЕУРО2020.

– На речиси секое Европско првенство постои екипа, која не само што ги исполнува надежите и соништата на фановите, туку и ги надминува, истакна австрискиот претседател, додавајќи, притоа, оти не сака да врши притисок врз фудбалерите.

Канцеларот Себастијан Курц изрази задоволство поради одржување на ЕУРО2020, оценувајќи дека тоа е чекор кон враќање во нормален живот.

– Интересно е тврдењето дека одлуката, почнувајќи од 10 јуни да ги релаксираме рестриктивните мерки во Австрија и да им дозволиме на рестораните и баровите да работат до 24 часот, ја донесовме со цел натпреварите од ЕУРО2020 да можат да се гледаат во друштво. Тоа е нешто што не може да се докаже, но, не може ниту да се негира, изјави австрискиот вицеканцелар и министер за спорт Вернер Коглер.

ЕУРО2020 официјално ќе биде отворено со мечот во Рим меѓу Италија и Турција на 11 јуни.

Македонската фудбалска репрезентација во вторник заминува за Букурешт каде по премиерниот дуел против Австрија, во вториот натпревар на 17 јуни игра против Австрија, а четири денови подоцна против Холандија во Амстердам.

Back to top button
Close