Австрија во февруари воведува задолжителна вакцинација

Полиција го проверува статусот на вакцинација на купувачите на влезот од продавницата, откако австриската влада воведе блокада за приближно два милиони луѓе кои не се целосно вакцинирани против КОВИД-19. Виена, Австрија. 16 ноември 2021 година.

Австрија на почетокот на февруари ќе воведе задолжителна вакцинација против КОВИД-19 за возрасни со закана од високи казни, изјави денеска австрискиот канцелар Карл Нехамер. Тој рече дека е свесен за „чувствителноста“ на оваа одлука, што е прва во Европа.

„Како што е предвидено, на почетокот на февруари воведуваме задолжителна вакцинација за оние над 18 години“, изјави шефот на Владата за новинарите.

Владата предложи ревидиран план за задолжителна вакцинација, кој сега ќе важи за сите постари лица од 18 години, наместо за 14 години, како што беше првично планирано. Официјалните лица рекоа дека постепеното воведување на планот ќе им даде на луѓето доволно можности да се вакцинираат.

Владата пред речиси два месеци најави дека на почетокот на оваа година ќе воведе општа задолжителна вакцинација. Клучните аспекти на планот остануваат во конечната верзија, за која треба да се расправа во парламентот во четврток на 20 јануари, но официјалните лица рекоа дека консултациите со две опозициски партии покажале дека се потребни промени во некои детали.

Канцеларот Нехамер рече дека постои загриженост околу казнувањето на тинејџерите, па затоа е направена промена и воведена е задолжителна вакцинација од 18-годишна возраст.

Нехамер рече дека нацрт-законот е дизајниран да се справи со флексибилноста на вирусот. Планот е задолжителната вакцинација да стане закон на почетокот на февруари.

Со недели во Парламентот се водат жестоки дебати за планот во земјата каде 78,5 отсто од населението досега се целосно вакцинирани.

Австриската влада има големо мнозинство во парламентот, а покрај конзервативците и зелените, овој предлог го поддржуваат и лидерите на Социјалдемократската и Либералната партија. Против него е само екстремно десничарската партија.

Канцеларот рече дека тоа е „чувствителен план“, но дека е во согласност со Уставот и дека има фаза на приспособување што им овозможува на оние кои се двоумат да се вакцинираат до средината на март.

Во саботата, на 15 јануари, 27.000 луѓе протестираа против оваа мерка во главниот град Виена.

На почетокот на февруари ќе се воведат контроли, а невакцинираните ќе можат да бидат казнети од 600 до 3.600 евра во случај на повторување на делото

Делови од законот може да бидат суспендирани со одобрение на парламентарната комисија доколку, на пример, идните соеви на вирусот се поблаги, или експертите проценат дека вакцинацијата повеќе не е патот напред.

Back to top button
Close