Австрија во страв од стечај – цунами, секоја недела банкротираат 84 компании

 

Австрија e соочена со сериозни економски тешкотии и поради тоа зборот „банкрот“ стана секојдневие во Австрија. Дури 84 компании банкротираат во Австрија секоја недела. Најмногу во Виена и во најголемата австриска федерална покраина, Долна Австрија.

Алпското здружение на доверители (AKV) очекува дека до крајот на оваа година, околу 4.500 компании во Австрија ќе поднесат барање за банкрот, доколку моменталната нагорна траекторија на несолвентност не се промени, објавија австриски медиуми.

Полугодишниот извештај на AKV покажува дека оваа година во покраината Долна Австрија се поднесени 389 барања за банкрот. Само Виена има повеќе барања – рекордни 799 банкроти во средината на годината.

И уште потажно е што крајот не се наѕира, објавуваат медиумите.

Експертите не се изненадени што Виена, со два милиони жители и голем број компании, ја предводи листата на компании што банкротирале. Многу пошокантен факт е што покраината Долна Австрија е толку „високо позиционирана“. Статистиката покажува дека сегашните бројки се значително повисоки од оние за време на финансиската криза од 2007/2008 година.

Во Долна Австрија, 65 компании се затвораат секој месец. Тоа се 15 банкроти неделно. Трговијата на мало (89 случаи) и градежниот сектор (79 случаи) се особено погодени од несолвентност.

 

Во првата половина од годината, секторот за здравство и социјални услуги беше изненадувачки силно погоден (53 случаи). Долговите на сите несолвентни компании во Долна Австрија изнесуваат вкупно 342,4 милиони евра.

 

Во цела Австрија, бројот на банкроти е 84 неделно, што значи просечно околу 362 банкроти месечно. Бранот банкроти продолжува.

Сепак, бројот на лични банкроти малку се намали (-5,14 проценти) во споредба со истиот период минатата година. Личен банкрот поднеле 627 лица, или 24 лица секоја недела. Просечниот долг бил околу 118.200 евра.

 

Домашните експерти тврдат дека последиците се поради пандемијата на коронавирусот, односно корона кредитите добиени за време на пандемијата што сега доспеваат, и слабата потрошувачка на граѓаните…

Имено, поради високата инфлација и високите цени на храната, енергијата и другите трошоци за живот

Австријците, во страв од иднината, штедат сè повеќе за да преживеат.

А кога станува збор за преживување, Анс Ајснер-Шварц од CRIF Австрија тврди дека економијата во оваа алпска земја не само што е сè уште во „режим на преживување“ во 2025 година, туку се очекува и понатамошен пад на економската активност.

 

Во секој случај, статистичките податоци во оваа австриска покраина се исто така поразителни. Од почетокот на оваа година, околу 40 продавници во Горна Австрија веќе мораа да го стават клуч во бравата. Експертите очекуваат уште поголем бран банкроти во малопродажбата до крајот на оваа година, но и во текот на 2026 година.

Многу компании, и покрај сите нивни напори, не успеаја да ја преживеат високата стапка на инфлација, падот на прометот и крајот на државната поддршка добиена за време на кризата со короната.

И покрај малку позитивните економски прогнози, бранот банкроти во Австрија веројатно наскоро ќе достигне нови височини. Она од што се плаши Алпското здружение на доверители (AKV) е дека бранот банкрот може да се претвори во цунами.

И она што дополнително ја комплицира ситуацијата е тоа што Австрија веќе е во рецесија трета година по ред.

 

Back to top button
Close