Австриската министерка со порака од Скопје: Билатералните прашања да не бидат камен на сопнување на патот кон ЕУ

Сериозни сме во однос на поддршката за државата на патот кон ЕУ. Ние гледаме колку е направено од ваша страна и колку многу чекори се направиле, и сега веќе 20 години поминале оттогаш, и дека сме и ние сега должни да направиме билатералните теми да останат билатерални, а да не се поставуваат како камења на сопнување, порача од Скопје австриската министерка Беате Мајнл-Рајсингер на заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Таа нагласи дека земјава треба да изоди уште неколку чекори, додека истовремено ЕУ треба да има интерес да го поддржи и забрза овој процес, да биде искрена и да не става уште некои други камења на сопнување.

-Мојата денешна порака на сите граѓани од Северна Македонија, навистина сме сериозни во однос на поддршката кон државата на патот кон ЕУ. Вие сте делот од којшто Европа не може да се откаже, навистина сме сериозни кога велиме дека не сме комплетни без вас. Проширувањето на Европската Унија не треба да се намали само на технички процес, туку тоа е вистинско силно ветување, потребен ни е економски просперитет, слобода, и секако дека би сакала да нагласам дека многу има направено оваа држава, посочи Мајнл-Рајсингер.

Австриската министерка забележа дека земјава имала и фрустрирачки моменти на патот кон ЕУ и оти процесот за нас е навистина многу долг.

-Ние забележуваме од страна на Европската Унија дека имаме обврска за да почувствуваат и граѓаните на оваа држава дека сме сериозни на овој пат. И поради тоа се залагаме за постепена интеграција во ЕУ и сакаме да почувствувате дека ве поддржуваме. Што се однесува до 2022 година тоа беше компромис. И ми се чини дека тука може да има различни мислења, дали тоа беше среќно или нереќно решение, меѓутоа тој компромис беше даден тогаш, тоа е факт. И тоа мора да се реализира. Да, ние разговаравме за тоа. Треба и уште некои реформи да се направат од страна на Македонија, порача Мајнл-Рајсингер. Мајнл-Рајсингер посочи дека целиот Западен Балкан е место на променета геополитичка состојба, и оти треба да бидеме свесни дека и ние сме важни партнери за одговорот на таа геополитичка состојба и затоа, кажа, треба да се навратиме на нашите заеднички сили и за да го зајакнеме овој регион.

Австриската министерка изрази сочувстза трагедијата во Кочани, посочувајќи дека како земја успеале да дадат мал придонес со нивната медицинска поддршка.

-Горда сум што Австријците се најголем инвеститор во Македонија и во регионот и имав можност да се сретнам со претставници на австриски претпријатија, но и со претставници од граѓанскиот сектор, така што нашите билатерални односи се толку одлични што дури и претставниците на австриските компании и на културните институции ми соопштија колку интензивни се овие односи и веруваат дека може да се подобрат, рече таа.

Министерот Муцунски, од своја страна, посочи дека Австрија е континуиран и принципиелен поддржувач на нашиот европски пат, искрен сојузник и пријател на нашата држава и на целиот регион.

-Односите меѓу нашите две земји се одлични – политички стабилни, економски силни и исполнети со доверба и заемна поддршка. Австрија е најголем странски инвеститор во нашата држава, што зборува за длабочината на економската соработка и довербата во нашите институции. Особено ја цениме принципиелната и континуирана поддршка што Австрија ја дава на европската перспектива на нашата држава и на целиот регион. Како носител на групата земји „Пријатели на Западен Балкан“, Австрија игра клучна улога во држењето на проширувањето високо на агендата на ЕУ, истакна Муцунски на прес-конференцијата.

Значаен дел од разговорите бил посветен на евроинтегративниот процес, при што министерот Муцунски се заблагодари за континуираната и гласна поддршка од страна на Австрија. Соговорниците се согласија дека проширувањето на Европската Унија претставува геополитичка неопходност за безбедноста и стабилноста на континентот.

Back to top button
Close