Автобус со млади спортисти удри во дрво во Унгарија: Загина возачот, 23 лица повредени

Возачот загина, а 23 лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што рано утрово се случила во југозападна Унгарија, кога автобус кој превезувал млади спортисти излетал од патот и удрил во дрво.
Според информациите на унгарската полиција, несреќата се случила околу 5:20 часот во близина на местото Хирд. Од засега неутврдени причини, автобусот преминал на спротивната коловозна лента, по што излетал од патот и се забил во дрво.
Во автобусот се превезувале 28 лица, меѓу кои 19 млади натпреварувачи од аеробик-секцијата на Спортското училиште во Печ, тројца тренери, шест родители и возачот. Тие патувале кон Будимпешта на натпревар.
Сите патници биле пренесени во болница. Еден од младите спортисти се здобил со скршеница на бутната коска, повеќе скршени прсти, потрес на мозокот и други повреди. Потешко се повредени и двајца тренери, чии здравствени состојби се следат.
Унгарскиот претседател Тамаш Шуљок ја нарече несреќата „срцепарателна трагедија“ и изрази сочувство до семејството на загинатиот возач, како и желби за брзо закрепнување на повредените.
Полицијата спроведува истрага за утврдување на причините за несреќата, објави Скопје1.мк






