Автобусите „45“ и „23“ ненадејно престанале да возат,граѓаните од Ченто чекаат и мрзнат
Фото: Жител на Ченто
Граѓани до редакцијата на „Слободен печат“ реагираа и информираа дека приватните превозници со број „45“ и „23“ од пладнево престанале да возат.
Жители на населбата Ченто испратија фотографии од последната постојка во Ченто, каде можат да се забележат четири или пет паркирани автобуси од линиите „45“ и „23“. Тие велат дека во разговор со возачите на автобусите, дознале дека денеска веќе нема да возат.
Претставникот на приватните превозници и сопственик на компанијата „Јофи Турс“, Јовица Зафировски за „Слободен печат“ тврди дека нема добиено информација дека предметните автобуски линии ненадејно престанале со возење.
„Немам добиено информација дека линиите „45“ и „23“ престанале со возење. Автобусите број 23 имаа проблем со возењето пред два дена кога падна снег, ама потоа немаше проблеми“, вели Зафировски.
Иако нема официјална информација, повеќе граѓани од Ченто останаа без автобуски превоз и без алтернатива за движење до својата посакувана дестинација.





