Автократскиот популизам

Не, не е само кај нас така

Во цела Европа постојат партии кои за себе зборуваат како за претставници на „единствените вистински“ Унгарци, Пољаци, Британци, Французи… Ги знаеме кои се тие и кои се нивните водачи. Тоа се десните националистички партии ширум европскиот континент кои себеси се нарекуваат со различни имиња. Кај нас во Македонија, тоа е партијата ВРМРО-ДПМНЕ, која себеси се смета за претставник на „вистинските Македонци“.

Верувале или не, во наративот на сите овие десни партии, нивните опоненти се агенти и предавници. Последната потврда за ова кај нас е реакцијата на партијата на изјавата на водачот на опозицијата на конференција во

Атина некни за состојбите во државата. Рекол дека десничарските националисти на власт во нашата држава се пречка на нашиот пат кон ЕУ. Легитимно мислење на политички опонент во една либерална демократија, би рекле. Но, таа изјава беше дочекана од власта токму онака како што би се очекувало од партијата на „вистинските Македонци“:

Филипче и партијата СДСМ беа обвинети за предавство и за поткопување на националното единство. Еве да речеме дека тоа е политика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но што станува со нас останатите. Какви Македонци сме ние? Вистински или лажни?

Сакам да укажам на една сериозна опасност. Овој став ги поткопува темелите на демократијата според која не постои „специјална“ партија во демократскиот плуралистички систем која го има монополот врз дефинирањето на државниот и националниот интерес. Во демократските системи, дијалогот и гласањето во парламентот допрва кажува кој е националниот и државниот интерес на земјата. Во свет на перманентни промени, за добро или за лошо, она што во еден историски момент е национален и државен интерес во друг не мора да е тоа.

Да се тврди дека државниот интерес е фиксен и непроменлив и дека една партија има монопол на нсеговото дефинирање е злоупотреба на демократскиот систем преку игра со патриотските чувства на народот . Таквите популистички партии,пак, порано или подоцна, манифестираат авторитарни тенденции зашто, со тврдењето дека се единствените претставници на нацијата, всушност не ги сметаат другите партии за легитимни конкуренти. Самото тврдење дека паријата е претставник на „единствените вистински“ Унгарци, Пољаци, Британци, Французи или Македонци е првиот чекор кон автократија. Затоа, не ретко, со помош на национализмот, најсилната идеологија на модерните времиња, овие партии кои доаѓаат на власт преку демократски избори, почнуваат да го демонтираат истиот тој демократски систем за да ја „овековечат“ власта, токму како слоганот „Македонија вечна“.

Формулата на успехот на национал-популистите секаде во Европа и во Америка денес е препознавањето на вознемиреноста кај народот со модерноста, со социјалните промени и со неправдите и употребата на таа вознемиреноист како политичка алатка. Кај нас денес, со вознемиреноста на Македонците од подемот на демократските права на втората по големине етничка група дома, „предавството“ на СДСМ на нацијата на меѓународен план и неефикасниот политички систем. Како да му се парира на автократскиот популизам во Македонија? Успехот зависи од способноста на опозицијата да ја намали анксиознота кај гласачите и да ги убеди дека прогресот, безбедноста и стаблиноста на државата и правдата не е во национализмот или во стравот од новото, туку во јакнење на демократските структури на државата.Либералната демократија би рекла дека исто онака како што нема „специјален“ поединец меѓу граѓаните, туку сите се еднакви пред законот, нема ни „специјална“ партија кој го поседува „светиот Грал“.

Денко Малески

Back to top button
Close