Автомобил удри во три девојчиња во Неготино, на место каде со години се ветува изградба на кружен тек!

Три девојчиња на возраст од 16 до 17 години синоќа околу 21 часот биле повредени во сообраќајна незгода, откако во нив удрило возило од марката Волксваген Поло, управувано од 35 годишно лице од Пепелиште.

Настанот се случил на раскрсницата на улицата Маршал Тито, на пешачки премин, на само триесеттина метри од Полициската Станица Неготино, а повредените девојчиња биле пренесени во болница со возилото на Итната служба на ЈЗУ Неготино.

Од МВР го потврдија настанот, и изјавија дека повеќе детали околу незгодата и состојбата на девојчињата ќе бидат соопштени во тек на денот.

Градот се вознемири поради немилата случка и повторно ги актуелизираше прашањата зошто на улицата Маршал Тито, каде секогаш е фреквентно и раздвижено, не се постават легнати полицајци или вибрирачки ленти за забавување на брзина.

На местото на настанот во чија близина е и средното училиште во градот, и претходната, а и сегашната власт во предизборните кампањи ветуваше изградба на кружен тек. Неготинчани потсетуваат на ветувањата и прашуваат дали некогаш ќе се решат овие прашања, клучни за безбедноста на граѓаните.

Инаку, Неготино е град во кој нема ниту еден кружен тек, нема семафори и нема ниту една вибрирачка лента за забавување на брзината.

повеќе

Back to top button
Close