Азески: Би поддржале ревизија на договорот со „Бехтел и Енка“, но само ако е во интерес на бизнисот


Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, вели дека би поддржале ревизија на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д, како што вчера предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но само доколку се работи за подобрување во интерес на бизнисот. Во спротивно, како што рече, ќе бараат да се остане на постојниот договор.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски / Фото: Архива
„Се надевам дека изјавата на Мицкоски е дадена во согласност со нашите заложби за континуитет на правните договори што ги склучила претходната влада и ако се работи за подобрување во интерес на бизнисот, ние ќе ја поддржиме таа работа. Ако не, бараме да се остане на она што е“,

порача првиот човек на Стопанската комора одговарајќи на новинарски прашања по средбата со раководството на „Македонија 2025“.
Азески, меѓу другото, информира дека „Бехтел и Енка“ се нови членки на Стопанската комора.

„Тие беа тука да се зачленат. Разговаравме. Во разговорот беше спомнато дека во пикот на активностите ќе им требаат 4 000 луѓе, ќе бидат ангажирани на сите четири делници на кои ќе работат. Во нашето соопштение тоа беше прецизно истакнато. Тоа значи дека имаат дел работници, дел треба да обезбедат. Имаат време кога ќе е пикот и мислам дека тоа е само една најава“,изјави Азески.

Во врска со вчерашната најава на лидерот на Мицкоски за поволен заем од една милијарда евра, претседателот на Комората потенцира дека државата може да се задолжува, но парите треба да се искористат продуктивно.

„Господ да е напомош на сите што ќе овозможат да се донесат нови пари во Македонија. Но тие пари мора да бидат употребени за продуктивни нешта. Тоа е ставот на Стопанската комора како најголема бизнис-асоцијација. Значи, можат и може државата да се задолжува во наредниот период, но само за продуктивни цели. Овие искуства што ги имавме досега нè обврзуваат и зборуваат дека на тоа треба да се опстане“,
додаде Азески.

На прашањето дали Унгарија е земјата со која нашата држава ќе повлече заем до една милијарда евра, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера рече дека се работи за европска држава, која граѓаните многу наскоро ќе ја дознаат.

Back to top button
Close