Азески со отворено писмо до Ковачевски: Соработката меѓу нас е нужност и е во интерес на државата
-Европска програма „Лајф“, една од клучните европски програми за финансирање на климатските промени, енергетската ефикасност, на транзицијата кон чиста енергија, циркуларната економија и на природата на биодиверзитетот. Оваа програма е исклучително важна и за реализирање на преговарачкиот процес, во кој цел еден кластер два им е посветен на зелената агенда и на одржливата поврзаност и е од исклучително значење за македонските компании, бидејќи примената, која ќе се цени на крајот на денот, значително ќе ги намали финансиските импликации поврзани со нивната примена, вели Азески и додава:
-Јас се извинувам што упорно ја користам јавноста, а не нашата лична комуникација, затоа што ценам дека преку тоа ги анимираме нашите компании спрема европските програми, што за мене како претседател на најстарата и најголема бизнис-асоцијација во државата е од исклучителна важност.
Токму поради тоа во оваа прилика сакам да Ве информирам дека активностите на Комората кон евроатлантските интеграции се одвиваат со несмалено темпо, бидејќи нам ни е сосема јасно дека политичките елити можат да го кочат тој процес, но не и нас, кои и технички и професионално мораме да ги завршуваме работите навреме. Тргнувајќи од премисата дека бизнис-заедницата е значаен фактор во создавањето на БДП, во плаќањата на даноците, во вработувањето и во создавањето нови работни места; согледувајќи ја потребата од поддршка и од јакнење на претприемништвото, реиндустријализацијата и на конкурентноста; воочувајќи дека прашањата со правосудниот систем, администрацијата и со кадарот се од клучна важност за поттикнување на економскиот раст и развој, Ви предлагам да се склучи договор за уредување на односите меѓу јавниот и приватниот сектор, со кој ќе се регулираат нашите исклучително важни релации.
Во него би биле застапени задолжителната консултација на бизнисот при донесувањето на законските и на подзаконските акти, развивањето модел на економски развој, подигнувањето на квалитетот на јавната администрација, на социјалното партнерство и на трипартитниот дијалог и подобрувањето на состојбите во правосудството. Јас не сум идеалист, ниту, пак, сум приврзаник на теоријата дека бизнисот е сѐ. Јас само верувам дека можеме да се обидеме да го направиме ваквиот чекор зашто тој е неминовен. Глобализацијата е маркетиншка алатка за големите земји и корпорации, кои ја користат идеологијата на слободниот пазар за да влезат во нови земји и за да освојат нови пазари. Соработката меѓу нас е нужност и е во интерес на државата, а тоа, се разбира, повлекува и повеќе одговорности.
Да, јас сум тој што верува во таквиот договор. Верувам во знаење и во ревносно работење, но работењето 24 часа на ден од личните идеи и знаења не е доволно. Тоа се приказни за мали деца. За успех се потребни инфраструктура, политичка волја и институционален капацитет. Ајде заедно и да ги изградиме!, стои во писмото на Азески.