Азески: За минималната плата треба да се разговара и да се дојде до најдоброто решение

Растот на минималната плата мора да се уреди со ефикасноста на работењето и продуктивноста, а треба да е поврзан и со растот на бруто-домашниот производ (БДП). Ова е ставот на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој денеска порача дека за ова прашање е потребно да се разговараат работниците, Владата и работодавачите.
„Ние можеме да одиме со какво сакате зголемување на минималната плата која утре нема да биде исплатена, и тоа ќе донесе поголеми тешкотии за вкупната економија во државата“, рече Азески одговарајќи на новинарски прашања.
Тој додава дека бизнисот не може да функционира без работниците и тие, како што рече, не смее да бидат маргинализирани, но во целиот процес, како што напомена, има и работодавачи и држава.
„Секој треба да си понесе дел од својата одговорност. Само така може да се постигне ефикасен економско-социјален дијалог. Ние сакаме работниците да имаат поголеми плати, работодавачите да остваруваат поголеми профити од државата“, вели претседателот на Комората.
Во однос на владината одлука да се зголеми квотата на странски работници во Македонија, Азески вели дека ако подолго време образованието не испорачува кадар за потребите на бизнисот ќе мора да увеземе работна рака.
„Ако констатираме дека долги години образованието не испорачува кадар за потребите на бизнисот, ова е резултат што сега го гледаме и ќе мораме да увеземе работна рака. Но, земјите од каде што доаѓаат, мислам дека за нив Македонија е транзитна земја зашто и тие вакви не нè перципираат, бараат поразвиени земји“, вели тој.
Според него, се наоѓаме во ситуација на геополитичко преструктуирање во кое, како што вели, се измешаа работите на секој план, особено во однос на квалификуваната работна сила.
„Ние настојуваме прашањето да го решиме сами и да ги оспособиме нашите луѓе зашто менталитетот и навиките за работа на луѓето кои доаѓаат се подруги и треба предност да добијат домашните субјекти. Тоа го правиме преку дуалното образование, 500 училишта и компании имаат склучено такви договори, а работиме и во делот на високото образование, лично ова би го третирал како прашање кое е моментално актуелно и би бил мотивиран побрзо да си ги решиме работите, да оспособиме наш кадар“, рече Азески.






