Бајден ги критикуваше поддржувачите на Трамп за расистички пораки на митинг во Њујорк
Претседателот на САД, Џозеф Бајден, ги критикуваше поддржувачите на Доналд Трамп реагирајќи на митингот на републиканскиот претседателски кандидат во њујоршкиот Медисон Сквер Гарден, кој, како што оценуваат американските медиуми, беше одбележан со вулгарна и расистичка реторика.
„Пред некој ден, говорник на митингот на Трамп го нарече Порторико лебдечки остров на ѓубре. Познавам Порториканци во мојата родна држава Делавер и тие се добри и чесни луѓе“, рекол Бајден во разговор со претставниците на Латиноамериканската организација Вото Латино, пренесува АП.
Американскиот претседател потоа додаде дека поддржувачите на Трамп се единственото ѓубре што го гледа, а демонизирањето на Латиноамериканците од страна на Трамп го оцени како „непростливо и неамериканско“.
„Тоа е целосно спротивно на се што направивме и се што сме“, рече американскиот претседател.