Бајден го повика Нетанјаху да го одржи протокот на итно потребната помош за Газа
Американскиот претседател Џо Бајден во телефонски разговор со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, ја истакнал потребата од одржување на континуиран проток на хуманитарната помош која е итно потреба во Газа, соопшти Белата куќа.
Телефонскиот повик доаѓа откако на трет конвој од 20 камиони со помош му беше дозволен влез од Египет во Газа, преку граничниот премин Рафах, но во него, како што наведоа од Обединетите нации (ОН), не било вклучено и гориво. Според проценките, во Газа има гориво само за уште два дена.
Жителите на Појасот, како што посочува „Гардијан“, веќе се борат да дојдат до чиста вода, а недостигот на гориво значи дека постројките за прочистување вода, на кои Газа се потпира во голема мера, како и пекарниците и болниците, ќе престанат да функционираат.
Претставници на ОН велат дека дневно ќе бидат потребни околу 100 камиони со помош за да се задоволат основните потреби во Газа, каде што живеат 2,3 милиони луѓе, од кои 1,4 милион сега се бездомници.
Во телефонскиот разговор, Бајден го информирал израелскиот премиер за американската поддршка на Израел и за тековните активности што САД ги преземаат во регионот, а кои вклучуваат дополнителни воени распоредувања, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Претседателот на САД го поздравил ослободувањето на двајца заложници од Газа и ја потврдил својата посветеност во напорите да се обезбеди ослободување на преостанатите заложници, како и безбеден премин за американските граѓани и другите цивили во Газа.