Бабиш: Повеќе оружје значи повеќе убивања, приоритет мора да биде мирот во Украина


Чешкиот премиер Андреј Бабиш денеска, на Третата меѓународна конференција за обнова на Украина во Гдањск, ги критикуваше пред сè европските лидери, оценувајќи дека зборуваат за обнова и за помош на Украина во војната со Русија, но немаат волја да разговараат за поважното прашање – дека повеќе оружје значи и повеќе жртви и дека првенствено треба веднаш да се постигне прекин на огнот, а потоа и мир.

– Војната не е виртуелна. Таа е застрашувачки реална. Значи уништени домови. Значи повеќе вдовици и сирачиња. Украина веќе плати страшна цена. Повеќе оружје значи повеќе ескалација и повеќе војна – оцени Бабиш.

Според чешкиот премиер, главна тема на конференцијата треба да биде како да се стави крај на војната и да се отвори патот кон просперитетот.

– Мора да се прашаме како една земја може да се обновува додека војната сè уште трае – изјави Бабиш.

На критиките дека западните лидери немаат доволно волја да зборуваат за мир, на Бабиш му се придружи и словачкиот премиер Роберт Фицо.

– Последиците од војната се чувствуваат далеку надвор од границите на Украина. Нема алтернатива за почитувањето на меѓународното право. Словачката влада секогаш повикуваше на повеќе дипломатија. Европската Унија треба да покренува мировни иницијативи. Војната нема воено решение – изјави Фицо.

Тој предупреди и дека колку помалку ќе биде уништено, толку полесна ќе биде повоената обнова.

– Ако војната не запре, обновата нема да биде можна, а украинските реформи во процесот на европската интеграција ќе бидат потешки – рече словачкиот премиер.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во своето обраќање нагласи дека Украина покажала подготвеност веднаш да го прекине огнот и преку дипломатски преговори да дојде до мир.

– ЕУ ги поддржува сите иницијативи што придонесуваат за мир, додека истовремено врши притисок врз Русија преку санкции. Тие мерки даваат резултати и треба да придонесат Русија да прифати искрени преговори. Затоа донесовме одлука санкциите да се обновуваат на една година, наместо на шест месеци – истакна Кошта.

Тој додаде дека идниот мировен договор мора да биде во согласност со меѓународното право и со Повелбата на Обединетите нации.

– ЕУ е подготвена да придонесе во тој процес. Но Украина е таа што мора да ги дефинира условите за сеопфатен, праведен и траен мир. Никој друг не смее да зборува во име на Украина – само Украина може да зборува во име на својот народ – истакна Кошта.

Во врска со амбициите на Киев за што побрзо членство во Европската Унија, Кошта рече дека процесот на проширување и натаму се темели на исполнување на утврдените критериуми.

– Но Украина веќе спроведе значајни реформи во исклучително тешки околности. Заедно ќе продолжиме по тој пат. Знаеме што е влогот и што значи тоа за луѓето во Украина – изјави Кошта.

Back to top button
Close