Бадинтерово мнозинство, наопаку…


Бадинтерово мнозинство, наопаку..
Поглед низ другите очи…
Прашања до пратениците Албанци во Собранието на Република Македонија…
🟥 Дали со мнозинство гласови на пратеници Албанци и малцинство гласови на пратеници Македонци ќе се донесе одлука за прифаќање на “францускиот предлог”?
🟥 Што ќе значи тоа за нарушување на идентитетските правата (образование, историја, култура, одбележување на значајни личности и настани, симболи,…) на Македонците во Македонија?
🟥 Што ќе значи тоа за еднаквата правна заштита на сите граѓани во Република Македонија?
🟥 Што ќе значи тоа за уставниот поредок во државата во иднина?
🟥 Ќе се изгуби ли смислата на постоење на т.н. Бадинтерово мнозинство ако тоа не гарантира заштита за сите граѓани?
На овие прашања пред се ќе треба да одговорат лидерите на партиите на Албанците во Македонија кои имаат свои пратеници во Собранието на Република Македонија:
– Али Ахмети;
– Зијадин Села;
– Африм Гаши;
– Билал Касами; и
– Мендух Тачи.
Но на овие прашања можеби ќе треба да одговорат и:
– двајца пратеници Турци (двајцата од власта);
– двајца пратеници Срби (еден од власта, еден од опозицијата);
– еден пратеник Бошњак (власт); и
– еден пратеник Ром (власт).

Во Уставот на Република Македонија е впишана обврска со која кога Собранието на Република Македонија гласа за одредени прашања кои се поврзани со културните, јазичните, идентитетските и прашањата поврзани со образованието и симболите на помалите етнички заедници, мора да обезбеди мнозинство од гласовите на пратениците кои не се Македонци за таквата одлука да се смета донесена.
Мнозинството Македонци во Собранието, според Уставот, не може да носат одлука за прашањата на образованието, јазикот, културата, симболите и слично на Албанците, без при тоа за таквата одлука да гласаат и мнозинство од пратениците Албанци.

Во Уставот формално не е напишана обврска за таквите прашања кои се однесуваат на Македонците да мора да се обезбеди мнозинство гласови од пратениците Македонци, но има неколку дилеми:
1. Дали Уставот гарантира еднаквост?
– Ако да, таа треба да се почитува.
2. Дали ако во Собранието Албанците во мнозинство и Македонците во малцинство можат да носат одлука која се однесува на идентитетските прашања на Македонците, не би можело и обратно?
– Формално не, но овој преседан ќе создаде лоша собраниска пракса.
3. Дали Уставот постои за да создаваме етнички соживот и разбирање или постои да го користиме и злоупотребуваме за да си ги нарушиме основните човекови права?
– Можно е според Устав да се нарушат правата, но тоа не е правилна насока за државата, а Уставот во своја суштина постои за да се заштитат човековите права од злоупотребите на било која политичка раководно елита.
4. Дали таквата одлука (на тема каде се тангираат македонските идентитетски прашања) евентуално донесена со мнозинство гласови Албанци и малцинство гласови Македонци ќе е формално правно исправна?
– Да, но ќе повлече прашања и дилеми за понатамошното уставно устројство на Република Македонија кои нема да бидат добри за никого, затоа што Уставот постои да ги заштите човековите права, а ако тие се загрозени тогаш Уставот или е злоупотребен или е недоволен.
5. Дали одлуката за прифаќање на “францускиот предлог” Собранието може да ја толкува дека не задира во идентитетските прашања на Македонците?
– Да, но ќе излаже и тоа ќе го знаат сите граѓани на Република Македонија без разлика на нивната етничка припадност, а последиците ќе бидат уште полоши. Ако на некого му ограничиш права, а дополнително го лажеш и го правиш глуп, ќе ти биде многу повеќе лут.

Тешко бреме е “францускиот предлог”. Од една страна сите сакаме да ја продолжиме патеката кон ЕУ, од друга страна треба да бидеме свесни дека ако се движиме со три дупнати гуми нема никаде да стигнеме.
Огромното мнозинство од Македонци во Република Македонија не го поддржуваат овој предлог, не заради тоа што се против ЕУ, туку заради тоа што сакаат да си ги заштитат своите културни, јазични и историски карактеристики.
Имаат право на тоа.
Имаат право да го изберат начинот како ќе го направат тоа.
Ниту е последна, ниту е најдобра, ниту е единствена шанса за да тргнеме напред.
Почитта кон своите сограѓани е позначајна за нашето чекорење кон ЕУ од било каков моментален предлог.

Политичарите Албанци во Македонија и нивните лидери треба сериозно да размислат дали оваа ваква патека е правата патека кон ЕУ.
Гласањето за овој предлог на ваков начин никогаш нема да ја однесе Македонија во ЕУ, а внатре во државата ќе создаде далекусежни проблеми кои нема да се менаџираат со собраниски игранки и манипулации.
Играта со бројките некогаш е лесна, ама последиците се често разорни и создаваат повеќе проблеми.
Старите рекле: “Не го прави на другите тоа што не сакаш да ти го прават и тебе”.
Не брзајте, застанете, размислете и седнете на маса.
Ова прашање не се решава со гласање.
Или сите ќе сме за или немојте да надгласувате.
Во една куќа и фамилија мора да има разбирање. Ако нема разбирање тогаш таа куќа и фамилија не е за нигде, ни за на гости ни за на свадба.

П.С. Има многу отворени прашања во Република Македонија за меѓуетничките односи, свесни сме сите, но ова прашање ќе создаде децениска недоверба.
П.П.С. СДСМ се една збунета збиранка од луѓе со кои не можете да се правдате во иднина дека сте имале легитимитет од Македонците за ова прашање. Не, за ова прашање, немате ни формален, ни суштински.

Илија Димовски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close